Во популизмот, персоналните квалитети на искреност и чесност стануваат поважни од „елитистичките“ квалитети на образованост, квалификуваност или експертиза во одредена област. Глупоста се покрива со „искреност“, а незнаењето, со „чесните намери“ во 24/7 служба на народот.
Пишува: Сашо Орданоски
Популизмот себеси повеќе се доживува како движење, а не како класична партиска структура. Популизмот ја презира „традиционалната“ политичка машинерија, нејзините организации и структури, како и самата професија политичар; тоа се однесува и на институциите на системот, односно на правната држава како таква: институциите треба да ја спроведуваат народната волја, а не со уставот и законите определените права и обврски на актерите во општеството. Во ваквиот оддолу-нагоре популистички пристап, лидерот е оној кој „најдобро го чувствува и го пружа она што публиката веќе го посакува“ (Гарднер), напоредно со „необично силната тенденција [кај популистите] и релативно општите настани да ги доживуваат во лично својство“ (Хофштатер).
Популистичките лидери, во зависност од ситуацијата, се поистоветуваат со „метафизичките“ енергии и со „историскиот момент“ во кој делуваат, па, толкувано во една класична Веберовска типолошка смисла, нивното влијание повеќе се потпира врз харизмата што произлегува од нивната личност, одошто моќта на нивната позиција. При тоа, помалку е важно кое е мислењето за харизматскиот водач вон редовите на неговите следбеници – во дипломатската, опозиционата или некоја друга, на пример новинарска, заедница во јавноста, која неретко ги исмева неговите слабости – сé додека неговата харизма е валидна и предизвикува следбеништво кај неговите поддржувачи, можеби од ентузијазам, но неретко и од очај или надеж (Вебер). Таквата харизма е во состојба, за релативно кус период, да го покрене народот во сосема нов правец на делување. Затоа железната лојалност кон неговата харизма – а не способноста или некакво специфично знаење – е примарниот квалитет на соработниците на лидерот. Тие треба да слушаат, а не да знаат. Серж Московиси потсетува на Маоцетунговата сентенца дека „всушност, постоењето на водач е вечна потреба“, а дека „харизмата, без сомнение, повеќе почива на верувањата на масите, отколку на личните таленти на некој поединец“. Со други зборови, очајната и ирационална маса си бара лидер, па кога ќе го најде и во него ќе го инвестира својот очај и надежи, воопшто не е едноставно рационално да се откаже од него.
Тоа е причината заради која беспоговорното владеење со медиумите е еден од клучните елементи на популизмот: приказната врзана за лидерот мора упорно и беспоговорно да се негува, а неговата (наводна) чесност и непогрешливост ќе се брани по секоја цена! Нападот врз лидерот – на пример, дека купил четири-пет станови затоа што земал мито додека ја извршувал својата претходна министерска функција – се третира како врвна закана за авто-илузијата и инаетот во кои живее популистички осилената јавност: „Па што и ако земал! И другите земаат, ама овој барем нешто прави!“
Стравот како „малтер“ за харизмата
Доколку популистичкиот лидер, сепак, не поседува лична харизма во доволно количество за да „повлече“ слепа верба и обожување кај следбениците – заради комбинација од карактерни, говорни, физички, интелектуални или други хендикепи – тогаш таквиот лидерски дефицит се компензира со градење митологии околу неговата личност, со контролирано инсценирање на неговите јавни настапи и со внимателно контекстуализирање на неговите хендикепи. Во крајна линија, се развива репресивен управувачки апарат – инспекции, контроли, стотици нови правила и прописи, екстерни тестови, јавни апсења и медиумски „линчови“ на оние кои се охрабриле да искажат јавен сомнеж – кој бара послушност и втерува страв кај следбениците. Стравот во јавноста е „малтерот“ на популистичката лидерска харизма.
Лидерот во популизмот е и „големиот помирувач“ на различните струи, генерации, етнички и класни припадности, како и верувања во народот. Тој ги подгрева надежите на народот и на нацијата ѝ носи и ѝ соопштува само добри вести – за соопштување на лошите вести се задолжени други, пониски и променливи личности во неговата организација. Дополнително, „популистичките водачи треба да донесуваат ’големи‘ одлуки и, правејќи го тоа, тие неизбежно преземаат ’големи‘ ризици“ (Шмитер), во име на народот. Со тоа ја максимизираат својата моќ за мобилизирање поддршка.
Сето ова доведува до заклучокот дека популистичкиот лидер е и дел од народот, но поседува и „наднародни“ квалитети за во политичката арена да ги формулира и да ги бара или спроведува „природните“ права на народот. Тоа него го прави екстраординарен политичар, некој што преку негирањето на традиционалните политички канали и институции (собрание, министерства, партија…), без никакви ограничувања и директно ја политизира реалноста. „Иако популистите можат да бидат еманципатори, тие не сакаат да ги променат самите луѓе, туку повеќе нивниот статус во политичкиот систем“, заклучува Кас Муде. Навистина, не е мала работа во политиката обичните луѓе да ги направите да се чувствуваат важни, без разлика на мизеријата во која продолжуваат да живеат.
Важно е чувството, не вистинската моќ
Бидејќи неговата улога и неговиот однос со поддржувачите прераснува во наративен симбол, речиси во национален мит, тогаш е јасно дека негувањето на сторијата за потеклото на водачот, за неговото семејство, за неговите натпросечни лични дострели – спортист, ловец, хуманист, мудрец, посветен татко/мајка итн. – се предмет на посебна и врвна грижа на популистичката пропаганда. Личниот ореол што лидерот ќе го произведе за себе во јавноста е првокласна преокупација на популизмот, бидејќи тие идеални квалитети го потврдуваат или го одредуваат новиот морал во општеството. „За да може да ја практикува политиката додека истата ја денунцира како валкана игра, популистичкиот лидер често го заменува политичкиот дискурс со дискурсот на моралноста, користејќи универзални апстракции со кои ги контрастира високите морални начела во неговата/нејзината порака наспроти корупцијата и предавството на политичкиот естаблишмент“ (Паница). На тој начин, во популизмот, персоналните квалитети на искреност и чесност стануваат поважни од „елитистичките“ квалитети на образованост, квалификуваност или експертиза во одредена област. Глупоста се покрива со „искреност“, а незнаењето, со „чесните намери“ во 24/7 служба на народот.
Последицата од овие популистички принципи е, на пример, исти политичари да можат да извршуваат државни функции кои се протегаат од правда, преку здравство, до државен катастар, бидејќи тие таму не доаѓаат со потреба да знаат нешто од областа со која раководат, туку да ги штитат „интересите на народот“ од валканите и аморални традиционални политички опоненти. Преточено во практика, тоа значи дека, наместо со суштинските проблеми во секторите со кои раководат, ваквите политичари главно се занимаваат со подигнување на дисциплината во работата, со воведување на бон-тон правила за професионално однесување, со промовирање нови униформи (за нивната боја или за должината на ракавите со денови се дискутира!), со подигнување на моралните вредности кај вработените, изготвување бројни правилници за сосема споредни дејности во секторите и сл. Се разбира дека администрацијата и понатаму е еднакво корумпирана или (не)љубезна, но важно е дека народот сега на шалтерите има три копчиња – црвено, жолто, зелено – со кои ја оценува услужливоста на службениците. Копчињата не работат веќе по три дена откако се поставени, но важно е народот да се почувствува дека има моќ којашто лидерот им ја ветил на претходните избори! При тоа, чувството на моќ, а не фактичката моќ, е предметот на манипулативното владеење во популизмот.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).