Министерот за одбрана Талат Џафери на воениот аеродром во Брисел го пречека контингентот од 134 македонски војници кои во наредните десет дена ќе бидат дел од воената вежба „Брз лав 14“ во рамки на борбената група на Европската унија за втората половина на 2014 година.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Армијата на Република Македонија по вторпат е дел од борбена група на Унијата, а овојпат под раководна палка на кралската Армија на Белгија и рамо до рамо со армиите на Германија, Луксембург, Шпанија и Холандија.
– На оваа вежба ќе имате можност да ја претставите Република Македонија и нејзината армија во најдобро светло, како и многупати досега на заеднички вежби и обуки, како и во вистински мисии, им порача министерот Џафери на македонските војници по нивното пристигнување со воздухопловот на белгиската кралска авијација.
АРМ активно со војници учествува во втората фаза (реализација на напредна обука и фамилијаризација), што ќе трае од денеска до 5 јуни, како и во третата фаза (реализација на вежбата) што во гратчето Флоренес ќе трае до 12-ти јуни.
АРМ учествува со 134 војници од составот на четата за обезбедување на истурената команда на ЕУБГ 2014-2, штабните офицери и националниот елемнт за поддршка.
Според македонскиот министер за одбрана, членството во Европската унија е стратегиски и врвен приоритет на Македонија и сите претставници на Владата посветено работат на исполнување на критериумите на Унијата и полноправно членство во европското семејство. Тој им порача на војниците дека тие се македонски амбасадори низ светот и дека нивните резултати, професионален однос и постигнувања се најдобра потврда за нивната подготвеност и сериозен приод кон реализација на задачите.
– Нашето присуство овде и учеството со свои сили во борбените групи на Европската унија е доказ дека Македонија не само што изразува желба за членство во ЕУ, туку и дмеонстрира подготвеност и способност за преземање на обврските како идна земја-членка на Европската унија и фактички придонесува во заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ. Ние не сме само географски дел од Европа, ние припаѓаме на ова семејство и го заслужуваме тоа. Затоа, сигурен сум дека на претстојната вежба, најодговорно и посветено ќе ја претставите Армијата на Република Македонија и нашата земја во целост, заедно со нашите пријатели од Холандија, Луксембург, Шпанија, Германија и домаќините од Кралството Белгија, истакна Џафери.
Тој им порача на македонските војници дека подготовките во рамки на целата ЕУ-борбена група 2014-2 се прават со цел да се подготвени за распоредување по одлуките на Европскиот совет и оти треба да очекуваат дека може да бидат распоредени. Според Џафери, хуманиот аспект на постоењето на борбените групи на ЕУ е за придонес кон градење на мирот каде што има потреба.
– Нека оваа вежба биде уште еден доказ за нашиот пријателски дух и нека биде почеток на бројни пријателства со припадниците на армиите на другите земји, подвлече министерот Џафери.
Холандскиот генерал Ван Аим истакна дека групата ЕУБГ 2014-2 ќе може да делува во кризен регион во област од 6.000 километри од Брисел и се на чекање за реакција од шест месеци, а доколку се укаже потреба за тоа, нивниот мандат може да се продолжи меѓу еден и четири месеци. Тој посочи дека групата се подготвува, тренира и ги студира т.н. “жешки места” ширум светот, за подготовка и брза испорака.