Четириесет дена по Велигден (во четврток)
Именден празнуваат: Спасе, Спасија, Спаска…
Празникот на Христовото вознесение – Спасовден спаѓа во големите христијански празници, се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето сè уште се поздравуваат со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ (Христос воскресна) и си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“ (Навистина воскресна).
Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото. Четириесеттиот ден по Воскресението Исус за последен пат им се јавил на своите ученици, ги собрал на едно место, во селото Витанија, биле единасетмината (бидејќи Јуда по предавството се обесил) и им соопштил дека сè уште не треба да одат од Ерусалим зашто наскоро врз нив ќе слезе Светиот Дух и ќе ги исполни со сила. Со таа сила вие ќе крштевате, како што свети Јован крштеваше со вода, им рекол тогаш Исус. Потоа се подигнал и облак го кренал на небото, а тој застанал до Богот Отец. На местото пак, каде што стоел останала длабнатина од неговите стапала.
Во спомен на овој настан Светата христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Вознесение Господово кој уште се вика и Спасовден, зашто се празнува денот на Спасителот на светот – Исус Христос. Иако е востановен уште во апостолски времиња, празникот на вознесението не се празнувал одделно на четириесеттиот ден по Велигден туку во Педесетницата биле слеани повеќе спомени и тука бил стопен и овој спомен. Дури во крајот на IV век тој спомен е одделен од Педестиницата, кога се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, празник познат и под имињата Духовден (Дуовден) и Света Троица.
Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ се зборува и за вознесението на Исус. Притоа се вели дека Исус на апостолите им се јавил жив, како што им се јавувал за време на четириесетте дена кога им зборувал за царството Божјо. „И собирајќи ги Он им заповеда: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене. Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух“. Со ова Исус го најавил слегувањето на Светиот Дух врз апостолите како и она што подоцна ќе се случи и во кое тие ќе бидат активни учесници. „…но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата. И штом го рече тоа, додека тие го гледаа, Он се подигна и облак Го подзеде од пред очите нивни. И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“. (Дела 1/1-11)
Овој настан се споменува и во евангелските текстови, поточно во Евенгелијата на Марко и на Лука. „А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие пак отидоа и проповедаа насекаде: и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин.“ (Марко 16/19-20) Овој настан се споменува и во Евангелието според Лука: „И ги изведе надвор од Витанија, па кога ги подигна рацете ги благослови. И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, каде што го прославуваа и благословуваа Бога. Амин.“ (Лука, 24/50-53) Така, според овие сведоштва, Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале во храмовите.
Местото од кое Исус се вознесол на небото веднаш станало култно место. Светото предание запаметило дека на тоа место долго се познавале отисоците од неговите стапала, а царицата Елена (мајката на царот Св. Константин) наредила тука да се изгради голема и убава црква којашто подоцна била урната од Сарацените.
Светиот Епифаниј, епископ Кипарски, анализирајќи ги величината и вредностите на празникот Вознесение, вели дека многу луѓе, бидејќи не ја познаваат величината на овој празник, го сметаат по низок од другите. Меѓутоа, како што е главата украс на телото, така и празникот Вознесение е украсот на сите празници, односно тоа е полнотата на сите Господови празници. Прв празник е страшното и чудесно раѓање Христово во тело. Втор е празникот Богојавление, кој има поголемо созерцание од првиот. Трет празник е Воскресението, кој се покажа пославен од претходните, затоа што беше победена смртта, но и тој ја немаше полнотата на радоста бидејќи Христос сè уште се наоѓаше на земјата. Меѓутоа, празникот Вознесение исполни се со радост, затоа што Христос, откако ги отвори небесата, ни покажа чудна глетка, т.е. нашето тело издигнато на царски престол. Следствено, вредноста на Вознесението се наоѓа во тоа дека човечкото тело, кое беше обожено преку неговото соединување со Божјата природа од личноста на Логосот, седи на царскиот престол, оддесно на Бога Отецот. Кога Исус се родил, дури и кога почнал да го проповеда своето учење луѓето не го гледале во него Спасителот. Како што беше споменато на едно место тие очекувале поинаков спасител, човек што ќе ги ослободи од ропството. Го исмевале, го клеветеле, дури и го распнале на крст како што им се правело на најголемите злосторници. Дури со неговото вознесение многу тајни се разјасниле, многумина се увериле дека тој е Спасителот на светот.
Но и светиот Атанасиј Велики осврнувајќи се на два Господови празници, т.е. на Воскресението и Вознесението, вели дека Воскресението им ја дарува на луѓето победата над смртта, а Христовото вознесение го воведува човекот на Небото и, менувајќи го човековиот начин на живот на земјата, го прави небото пристапно за него. Следствено, едно е победата над смртта, а друго е издигнувањето на човечката природа на Божјиот престол. Токму затоа и можеме да ја видиме и возвишеноста на Вознесението, или, за да се изразиме подобро, совршеноста и полнотата на Божјиот Домострој со овој настан.
Интересни се гледањата на некои свети отци поврзани со Вознесението. Така, на пример, светиот Григориј Палама вели дека Воскресението е поврзано со сите луѓе, а Вознесението е поврзано само со светителите. Тоа се вели од аспект дека со своето воскресение Христос ја победи смртта и на сите им го даде дарот на воскресението. Сите ќе воскреснат во денот на Христовото второ доаѓање, и праведници и грешници, но нема сите да се вознесат. Само праведниците, обожените, ќе се удостојат со тој голем опит.
Светиот Григорој Палама уште вели дека и пред Христа имало и вознесенија. Во Стариот завет се вели дека дух го зел пророкот Еремија, ангел го зел Авакум, повеќе од сите, пророкот Илија се вознел на огнена кола. Вознесението на сите овие било на некој начин преместување кое ги издигнало од земјата, но не ги извело од неа. Значи, никој од нив не ја надминал земната атмосфера. Исто така, оние кои воскреснале и се вратиле на земјата, по некое време пак умреле. Меѓутоа, Христос воскресна и смртта нема власт над Него, а бидејќи се вознесе на небесата, секое издигнување е пониско од Него.
Црковните песни што се исполнуваат на овој ден како и во деновите на претпразненството и попразненството се исполнети со радост и тага. Радосни се апостолите зашто до крај се исполниле зборовите на Исус. Песните што се пеат во оваа пригода содржат радост зашто Исус заминал на небото, но содржат и тага зашто апостолите и народот остануваат сирачиња без својот Господ на земјата. Во таа смисла и во тропарот посветен на овој ден се пее: „Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги израдувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот“.