Во Белгија денеска паралелно со изборите за Европскиот парламент се одржаа и сојузни и регионални избори, а прелиминарните резултати откриваат дека земјата е длабоко поделена.
Во Фландрија, каде се говори холандски, победа однесе Новата Фламанска алијанса (НВА), додека во франкофонската Валонија убедливо води Социјалистичката партија.
НВА се залага за конфедерција на Белгија и строги мерки за штедење, додека валонските социјалисти бараат посилна сојузна држава и програма за помош за сиромашните и невработените.
Во третиот, Бриселскиот регион, гласовите ги поделија неколку помали партии.
Валонија, Фландрија и Брисел имаат свои парламенти, од кои секој има право на вето на одлуките на сојузно ниво, а освен нив има и дводомен федерален Парламент и две јазични заедници, кои исто така имаат свои законодавни тела.
Со оглед на јазичните и идеолошките поделби, речиси е извесно дека белгискот крал Филип нема лесно по изборите да пронајде мандатар, кој ќе може да го добие потребното мнозинство за составување влада.
По претходните избори пред четири години, партиите преговараа 17 месеци пред да постигнат компромис и за тоа време земјата имаше само техничка влада.
Гласањето во Белгија е задолжително за секој полнолетен граѓанин, а на оние кои недоаѓањето на избирачкото место нема да можат да го оправдаат со лекарско уверение или со доказ дека на денот на изборите не биле во земјата им следуваат парични казни.