Македонска државна и црковна делегација на молебен на гробот на свети Кирил

Од:

Молебен на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим  ќе се одржи денеска, како централен настан во рамки на 46. манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“.

На гробот на Свети Кирил ќе се поклони државна и црковна делегација, а со службата ќе чиноначалствува митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.

Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Традиционално, 24 Мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?“.

Со овие зборови Константин философ, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус. Годинава се одбележуваат 1145 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил.

Паралелно со 46. издание на манифестацијата во чест на свети Кирил,   Македонија одбележува и 20-годишен јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи со Ватикан. Како дел од културната програма за манифестацијата и јубилејот  во Ватиканските музеи  беше отворена изложба „Словенски ракописи од 13 до 19  век“, а синоќа во театарот „Куирино“ беше изведена театарската претстава „14 часа“.

И Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје денеска со низа активности ќе го одбележи патронатот и 65 години од своето постоење. Според програмата, ќе се одржи молебен за светите браќа просветители и положување цвеќе пред нивниот споменик во Универзитетскиот кампус, како и пригодна уметничка програма.

Одбележувањето на патрониот празник ќе биде заокружено вечер со свечена академија во Македонски народен театар на која реч ќе одржи ректорот на УКИМ Велимир Стојковски. Настанот ќе биде збогатен со музичка програма со настап на хорот „Драги Шуплевски“ при Факултетот за музички уметности на УКИМ.

Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј ќе се чествува и во Охрид со полагање цвеќе на нивниот споменик во градот и со концерт на македонски пијанисти под раководство на проф. Кристијан Каровски што ќе се одржи во црквата  „Св. Софија“.

По повод Денот на македонските и сесловенските просветители, Градскиот дувачки оркестар во Скопје ќе одржи концерт на плоштадот „Македонија“.

Би можело да ве интересира

Осум продолжени викенди за сите граѓани во 2024

Влада: Мерката за замрзнати цени продолжена до 31 јануари поради празниците

A1on

Петок пред Духовден неработен ден за граѓаните од православна вероисповед

Ана Ололовска

Денот на сесловенските просветители неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска

Националниот ден на Власите, 23 мај – неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница

Ана Ололовска

Првиот ден на Рамазан Бајрам неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска