Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 39-годишниот Н.К. од струшкото село Велешта, како и против албанскиот државјанин, 18-годишниот Г.Х. осомничени за сторено казнено дело „неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги, психотропни сустанци и прекурсори“.
Како што соопшти портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, на 21-ви овој месец, при извршен преглед, кај пријавениот Г.Х. жител на албанскиот град Либражд, се пронајдени две пакувања со опојна дрога марихуана.
– Дрогата е пронајдена во џеб од неговата јакна завиткана во најлонска фолија, а била наменета за понатамошна продажба. Албанскиот државјанин, марихуаната ја добил од Н.К. околу 21 часот при нивна средба во струшкото село Велешта. Потоа двајцата, со патничко возило џип марка „Хундаи“ сопственост на Н.К. се упатиле на простор помеѓу зградите на улицата „Партизанска“ во Струга каде се забележани од страна на полициските службеници, вели Димоски.
Пријавениот Н.К. и е познат на службата и против него досега биле поднесувани кривични пријави по разни основи.