Балканот го зафатија најголеми поплави во последните 120 години поради што илјадници луѓе беа евакуирани, а многу други останаа заглавени во своите домови без струја и вода и се уште чекаат помош, наведува американскиот весник „Њујорк Тајмс“, нагласувајќи дека на регионот се уште му се заканува опасност од нови поплави.
– Дождовите конечно престанаа, но опасноста и натаму постои во реоните опустошени од поплавите, се истакнува во написот, при што се додава дека огромно количество вода по реката Сава се движи кон Белград и ги загрозува градот и термоелектраната „Никола Тесла“ од која со струја се снабдува половина Србија.
„Њујорк Тајмс“ наведува дека околу термоцентралата се поставуваат барикади од вреќи наполнети со песок со цел да се спречи продирањето на водата.
Според весникот, од поплавите најтешко е погодено подрачјето на Обреновац, кој во најголем дел е под вода.
– Илјадници лица го напуштија градот, но се верува дека во куќите има уште неколку илјади луѓе кои чекаат помош без струја и вода за пиење, наведува „Њујорк Тајмс“, додавајќи дека Црвениот крст на Србија проценува оти околу 300.000 луѓе во земјата се без вода и струја.
Во соседна Босна и Херцеговина во иста ситуација се околу 50.000, наведува весникот, потенцирајќи дека во оваа земја дополнителен проблем при поплавите претставуваат и нагазните мини заостанати од времето на војната во 90-тите години на минатиот век, за кои се проценува дека ги има околу 100 илјади.
„Њујорк Тајмс“ пренесува изјава на шефот на босанската дипломатија, Златко Лагунџија, кој вели дека во БиХ од поплавите се оштетени околу 100.000 куќи, училишта, болници и други објекти, кои се неупотребливи.
– Последиците од поплавите се застрашувачки. Физичките уништувања не се ништо помали од оние во војната. Единствена разлика е што во поплавите настрадаа помал број луѓе, додаде Лагунџија.
Весникот наведува дека до сега во БиХ се евакуирани половина милион лица, како и дека животите ги загубиле најмалку 35 луѓе, потенцирајќи дека конечниот биланс на жртвите најверојатно ќе биде многу поголем.
– Во поплавените делови на Балканот за само три дена наврна дожд колку што вообичаено врне за три месеци, потенцира „Њујорк Тајмс“.