Во Полска, Чешка и Словачка беснее невреме, а поголеми области од овие држави од вчера се под вода.
Во Полска вчера невремето со дожд ја однесе и првата жртва, откако во Варшава, ветер искрши голема гранка од дрво, која усмрти една жена.
Повеќе од 61.000 жители останаа без струја, поради хаварија на електричната мрежа. Нивото на водата ја премина нормалната граница на повеќе од 50 места на југот на Полска, а на 30 места е прогласена вонредна состојба поради поплавите, соопшти Центарот за безбедност при полската влада.
-Се надевам дека ќе го избгнеме црното сценарио од 2010 година, доколку не бидат интензивни и долготрајни дождовите- рече премиерот, Доналд Туск.
Локалните поплави го зафатија и североисток на Чешка, а најкритично е во градот Чешки Тјешин, каде што постои опасност од излевање на реката Олше.
Водата го поплави централниот плоштад во Острава на исток на Чешка. Силниот ветер и создава проблеми и на соседна Словачка, а според зборовите на министерот за внатрешни работи, Роберт Калињак најкритично е на планинскиот венец Татри и неговото подножје.
Е.Г.