Во анти-кинеските немири во Виетнам, во една индустриска зона се запалени најмалку 15 странски компании, како продолжение на протестите кои започнаа како мирни демонстрации, поради неодамнешното поставување на кинеска нафтена платформа во спорните води во југоисточна Азија.
Како што пренесе „Асошиејтед прес“ на палењето на фабриките му претходеле протести на околу 20.000 работици од индустрискиот комплекс во провинцијата Бин Дуонг, од кои се издвоиле помали групи кои ги нападнале фирмите за кои верувале дека се кинески.
Директорот на Народниот комитет во провинцијата Бин Дуонг, Тран Ван Нам изјави дека меѓу нив има и тајвански и јужнокорејски компании. Тој додаде дека протестите на почеток биле мирни, но дека тензиите пораснале откако, како што рече екстеремистите ги поттикнале луѓето да влезат во фабриките.
Според неговите зборови, најмалку 15 фабрики се запалени, додека стотина се разбиени и ограбени.
Утрово фабриките се затворени, а на подрачјето е распоредена полиција, наведуваат виетнамските медиуми. Тие истакнуваат дека на повеќе странски фирми се поставени транспаренти на кои пишува „ Го сакаме Виетнам“, „Хоанг Са“ и „Труонг Са-Виетнам“, што се виетнамски имиња за Парацелските и Спратли острови, архипелази на кои имаат право Виетнам и Кина.
Е. Г.