Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Златан Ибрахимовиќ втора година по ред е прогласен за најдобар играч во Лига 1. Тој победи во изборот на професионалните фудбалери во Франција.
Ибрахимовиќ доби најмногу гласови во конкуренција на клупските колеги Тијаго Силва и Тијаго Мота, како и фудбалерот на Монако Џејмс Родригез.
На едно коло пред крајот на Францускиот фудбалски шампионат ПСЖ ја обезбеди титулата, а меѓу најзаслужните за таквиот успех е токму Ибрахимовиќ.
Швеѓанецот со 25 погодоци е најдобар стрелец во лигата, а сезонава постигна 40 голови во сите натпреварувања и го собори клупскиот рекорд на Карлос Бјанки стар 36 години кој изнесуваше 39 погодоци.
Во изборот за најдобар млад фудбалер победи Марко Верати од ПСЖ, додека признанието за најдобар тренер му припадна на Рене Жирар од Лил.