Најновата студија утврди дека лица кои имаат тешки болести имаат поголеми шанси да развијат пост-трауматско стресно нарушување и други психички болести, од луѓето кои не искусиле болест опасна по живот.
Студиите покажаа дека лица кои имаат дијабетис и срцеви болести, имаат поголеми шанси да патат од депресија, ментални болести кои можат да влијаат на секојдневниот живот и уживањето во него.
Но, што е со болестите кои се толку сериозни, што тие кои ги имаат завршуваат во итна помош?
Др. Дерек Ангус од Медицинскиот центар при Универзитетот во Питсбург, ја предводеше студијата која ја испитувала врската меѓу најтешките заболувања и менталните болести. Истражувачите ги проучувале медицинските картони на сите пациенти примени во итна помош во Данска во период од три години.
– Данска е важна, бидејќи тие веќе со години наназад собираат национални податоци за здравјето на секое лице кое живее во Данска – објасни др. Ангус.
Болестите на тие пациенти го зголемиле нивниот ризик од смрт.
– Бевме заинтересирани за лица кои добиле нова или ненадејна тешка болест, како што се воспаление на белите дробови, или случај на сепса.
На пример, пациентите на вештачки бели дробови кои се примени во итна помош, биле споредени со слични пациенти на други одделенија во болниците и со општата популација.
– Пациентите кои дошле во итна помош всушност имале поголеми шанси веќе да имаат психијатриска болест или веќе да се на анти-депресиви.
Но, истражувачите биле заинтересирани за пациенти кои претходно немале ментални заболувања и не земале психијатриски лекови.
– Постоеше огромен ризик од нови психијатриски дијагнози и употреба на нови психоактивни лекови. Иако тоа беше помалку од 1 отсто, се работи за 20 пати поголема можност од добивање на нова психијатриска болест, отколку ако сте припадник на генералната популација со слични почетни карактеристики.
Др. Ангус вели дека ризикот е значаен доволно да укаже на пациентите и нивните семејства дека депресијата, вознемиреноста и пост-трауматскиот стрес е позната компликација во преживување на најтешките болести.
Студијата установи дека ризикот бил најголем во првите три месеци по излегувањето од болница, и дека се намалувал со тек на времето. Студијата е објавена во списанието на Американското медицинско здружение.
Гласот на Америка – Вашингтон