По обвинувањата од Мендух Тачи за предавство, струшкиот градоначалник Зијадин Села, на својот фејсбук-профил напиша дека предавници се тие што подготвуваат стратегии во „Сушико“ и немаат проблем да кокетираат, пред, за време и по изборите, со луѓе кои не им посакуваат добро на Албанците и на ДПА, пренесе Алсат-М.
Села го обвини Тачи за предавство со гласањето за Иванов на последните избори.
Во реакцијата, Села ја објаснува и смислата на предавството како поим, велејќи дека „предавство е безусловната поддршка на владата на ВМРО-ДПМНЕ, да кажеш дека ќе бидеш дел од владата и дека ќе станеш министер, а од друга страна, да не го спомнеш новиот политички договор на кој претендира ДПА, дводомниот парламент, официјализацијата на албански јазик во целата држава, праведната и пропорционална поделба на буџетот. Националното прашање не е фризура, ниту брада, па ни 3 илјади тона врз плеќи, туку е совест што те убива кога свесно ги носиш активистите да изгубат, кога ги тераш да гласаат за Иванов“, вели Села.