Извештаите треба да се читаат: Што напиша ОБСЕ/ОДИХР

Од:

Што НЕ пишува во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР: 1.) Не пишува дека станува збор за слободни и фер избори; 2.) Не пишува за идното постапување на политичките субјекти; 3.) Нема критика упатена кон СДСМ во врска со решението за бојкотирање на изборните резултати.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

 

На 28.04.2014 год. Меѓународната набљудувачка мисија за изборите (МНМИ), ги објави своите првични наоди и заклучоци за спроведување на претседателските и парламентарните избори во Република Македонија.

Ова е исклучително важен документ за Република Македонија. Дадените наоди и заклучоци претставуваат репер на патот на исполнување на стандардите потребни за влез во евро-атлантските интеграции. Во исто време, тој претставува и основ за процена на остварувањето на делот на човековите права и слободи на граѓаните на Република Македонија, кој е суштински за изградба на државата како демократска во која владее правото.

Задачата на медиумите во однос на ваков вид документи е повеќеслојна:

  • Прво, тие треба да ги информираат граѓаните за постоењето на наодите и заклучоците.
  • Второ, треба да ги сублимираат основните наоди и да ги пренесат на начин профатлив за една поширока публика.
  • Трето, треба да самите тие ги разберат наодите, па дури потоа, односно врз основа на тоа да ги пренесуваат индивидуалните изјави и да направат врска меѓу изјавите и активностите на одделни политички субјекти и дадените наоди и заклучоци.
  • Четврто, треба да го искористат документот за сопствена анализа и формулирање прашања кои би им биле упатени на политичките субјекти.

 

Што НЕ пишува во извештајот

Во изминатите два дена се појавија повеќе медиумски информации поврзани со извештајот, кои можат да се поделат во оние кои го третираат генерално: како позитивен:

и оние кои го перцепираат како негативен

Дел од медиумите посебно се задржуваат на одделни сегменти на извештајот

Друг дел од медиумите, пак, воопшто не се задржуваат на самиот извештај и наводите дадени во него, туку се повикуваат на изјави дадени од страна на одделни претставници на набљудувачката мисија. На пример, Дојче Веле, изведува генерален заклучок кој не е поврзан со самиот извештај:

Преодна оценка за гласањето, критики за кампањата, жалење за одлуката на СДСМ. ОБСЕ/ОДИХР повика да се напушти бојкотот и фокусот да се насочи кон стратешките интереси.

Сличен пристап има и Радио Слободна Европа:

Оваа земја направи значителен демократски напредок во изминативе десет години, но тој процес не е завршен и треба да продолжи. Со оваа порака набљудувачката мисија на ОБСЕ ја започна прес конференцијата со првичните заклучоци за спроведените избори во неделата.

Сите политички субјекти во земјава имаат обврска да размислат и да дејствуваат во интерес на народот и да постигнуваат согласност околу стратешките прашања за државата, порача Изабел Сантос која ја предводеше делегацијата на ПС на ОБСЕ. При тоа нагласи дека бојкотот кој го најави опозицијата не го смета за демократски инструмент туку политичките средства со кои примарно треба да се служат политичките партии.

Што не пишува во извештајот на Меѓународната набљудувачка мисија за изборите од 28.04.2014:

  1. Не пишува дека станува збор за слободни и фер избори;
  2. Не пишува за идното постапување на политичките субјекти;
  3. Нема критика упатена кон СДСМ во врска со решението за бојкотирање на изборните резултати.

Во извештајот се дадени преглед и прелиминарна оценка на можноста која ја имаат граѓаните на Република Македонија да го остварат своето право на избор. Сѐ што е дадено во извештајот се однесува на исполнување на демократските стандарди кои се неопходни за да може граѓаните да го остварат ова свое право.

 

А, што, всушност, пишува во него

Што точно пишува во извештајот на Меѓународната набљудувачка мисија за изборите од 28.04.2014:

1. Изборите се спроведени ефикасноДенот на изборите беше спроведен на непречен и професионален начин со само некои технички нерегуларности забележани во текот на денот.Што значи тоа? Тоа значи дека функционира изборната машинерија (одбори, печатници, дистрибутери, …).

2. Кандидатите можеа непречено да ја водат кампањата. Што значи тоа? Тоа значи дека немало забрани за лепење плакати, ниту еден од кандидатите не е натепан или уапсен, дека немало забрана за одржување на собири на граѓаните и тие собири не биле атакувани од страна на противнички групи.

3. Кампањата на владејачката партија несоодветно ги разграничуваше партиските од државните активности, спротивно на ставот 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год. и стандардите на Советот на Европа. Не постои законско барање министрите и останатите државни службеници привремено да се повлечат од функцијата додека се кандидати во изборна трка, што доведе до злоупотреба на државните ресурси и конфликт на интереси помеѓу службените активности на министрите и нивната улога на кандидати. Што значи тоа? Тоа значи дека актуелната власт постапувала спротивно на минимални стандарди за спроведување фер и слободни избори со тоа што го нарушила правилото дека мора да има јасна граница меѓу делувањето на партијата и делувањето на државните функционери. Или, кога министерот за финансии во улога на кандидат за пратеник ќе изјави: “ВМРО-ДПМНЕ ветува најмалку 64.000 нови работни места“ тоа претставува кршење на законот и треба да биде спречено и/или санкционирано затоа што граѓаните пред себе гледаат министер за финансии во чии раце е одлучувањето, а не иден можен пратеник. Тоа значи дека минимален предуслов за изведување на фер и слободни избори е сите министри и државни службеници кои учествуваат како кандидати во изборната трка мораат да се повлечат од функциите. Тоа што останале на функциите автоматски значи злоупотреба на државните ресурси и конфликт на интереси.

Оваа одредба посебно важи за министерот за внатрешни работи кој има овластувања врз клучни аспекти од изборниот процес. И покрај таквата законска одредба, министерот за внатрешни работи не се повлече од функцијата и покрај тоа што беше кандидат во изборната трка. Ова значи дека воопшто не е важно каде е вработена министерката за внатрешни работи (што добро е идентификувано во написот на порталот ЛИБЕРТАС). Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО НЕФЕР.

4. Наводите на заплашување на гласачите продолжија во текот на кампањата. Што значи тоа? Тоа значи дека набљудувачите многу сериозно ги зеле овие наводи и сметаат дека постојат видливи показатели дека некој ги заплашува гласачите. Заплашени гласачи не може да бидат во исто време и слободни гласачи. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО НЕСЛОБОДНИ.

5. Албанската партија во владата продолжи да ги бојкотира претседателските избори и изврши прекумерен притисок врз етничките албански гласачи да не го земаат гласачкото ливче за претседател. Што значи тоа? Тоа значи дека, набљудувачите сметаат оти албанските гласачи немаат можност слободно да гласаат и дека притисокот се прави од страна на оние кои се наоѓаат на власт. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО НЕСЛОБОДНИ.

6. Пред да започне броењето на гласовите, главната опозициска коалиција најави дека нема да го признае резултатот од овие избори. Ова претставува едноставна констатација без натамошни оценки и вреднување.

7. Отсуството на анализа и независно известување во медиумите продолжи во текот на кампањата…Ова значи дека генерално недостасува анализирање на настаните, програмите, активностите и изборната понуда од страна на медиумите.

8. … најголем дел од медиумите врз кои се спроведе мониторинг беа во голема мера пристрасни во полза на владејачката партија и нејзиниот претседателски кандидат, а главно негативни кон главната опозициска партија и нејзиниот кандидат. Ова значи дека има голем број медиуми кои се директно под влијание на власта и не им пружаат на граѓаните соодветни информации во врска со изборите.

9. Нерамномерната распределба на гласачи надвор од земјата и разликата помеѓу бројот на гласачите во изборните единици во и надвор од земјата нецелосно ја обезбедуваат еднаквоста на гласот, согласно ставот 7.3 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год. и стандардите на Советот на Европа. Ова значи дека граѓаните на Република Македонија кои живеат во неа се дискриминирани во однос на луѓето кои се надвор од државата. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО ДИСКРИМИНАТОРНИ.

10. Државната изборна комисија (ДИК) издаде неколку упатства, кои ефективно го изменија законот во обид да се регулира преклопувањето на кампањата за двата избори. Правното овластување на ДИК да го направи тоа е дискутабилно. Тоа значи дека ДИК постапувала надвор од законот и си дозволила да го менува законот и покрај тоа што нема таква надлежност. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО ПРОТИВПРАВНИ.

11. Критериумите за родова застапеност беа почитувани во органите на изборната администрација. Согласно законските барања, секој трет кандидат на листата на кандидати за пратеници се предвидува да биде претставник на помалку застапениот пол. Сепак, жените беа недоволно застапени на митинзите кои ги набљудуваше НМИ на ОБСЕ/ОДИХР, а родовите прашања не беа покренати во програмите на изборната кампања. Тоа значи дека ниту владеачките ниту опозиционите партии не мислат дека еднаквоста на жените и мажите претставува приоритет во делувањето на државата.

12. Прашањето на загриженост во однос на точноста на избирачкиот список, а посебно во однос на големиот број на гласачи кои живеат на иста адреса беше покренато од страна на одреден број на соговорници на МНМИ. Законските одредби, кои на политичките партии им овозможуваат да ги оспорат податоците што се однесуваат на гласачите во избирачкиот список се нејасни и нејасно утврдуваат која агенција е одговорна за спроведување на истрагата. Ова го поткопа соодветното спроведување. Ова значи дека, во отсуство на соодветни механизми со кои би се провериле дадените податоци, постои голема веројатност дека има манипулација со бирачкиот список и со бројот на гласачите. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО НЕРЕГУЛАРНИ.

13. Механизмот за решавање на изборни спорови остана неефективен. Тоа значи дека нема начин граѓаните да го заштитат правото на слободен избор доколку им е ограничено или повредено.Ова значи и дека ниту една од институциите задолжени да реагираат на прекршување на Изборниот законик не ја извршила својата работа. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО НЕЗАШТИТЕНИ.

14. Начелно, актуелниот систем за финансирање на изборната кампања не е соодветен за обезбедување на транспарентност, интегритет и отчет на процесот. Тоа значи дека партиите многу лесно можат да ги  прекршат законските одредби, а тие кои имаат достап до државните ресурси, да ги злоупотребат парите на граѓаните. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО НЕТРАНСПАРЕНТНИ.

15. Според резултатите од мониторингот што го спроведе НМИ на ОБСЕ/ОДИХР, владејачките партии беа медиумски покриени на попозитивен начин на МРТ. Тоа значи дека националниот информативен сервис, всушност, настапува како партиски информативен сервис. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО НЕФЕР.

16. Приватните ТВ Телма и Вести 24 во своите информативни програми обезбедија поизбалансирано известување на активностите на кампањите на двајцата кандидати, како и сличен сооднос на медиумско покривање на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Паралелно со ова Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги поднесе прекршочна пријава против телевизијата 24 Вести. Тоа значи дека едната од двете единствени телевизиски куќи кои набљудувачите ги издвојуваат како пример за побалансирано известување е веќе санкционирана заради својата балансираност, додека ниту еден од пристрасните медиуми не е перцепиран од националните институции како прекршител на законот. Или, можеме дури и да кажеме дека: ИЗБОРИТЕ ГИ ОЦЕНУВААТ КАКО ПОТЕНЦИЈАЛЕН ИЗВОР НА РЕПРЕСИЈА.

Ова се наводите кои медиумите треба да ги анализираат, да ги стават во контекст на резултатите и на актуелната и идна политичка ситуација во Република Македонија.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Колумната е личен став на авторот, кој не произлегува од уредувачката политика на А1он. Редакцијата на А1он не секогаш се согласува и се оградува од ставовите што се изнесени во колумните.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска