Кога-тогаш, еден ден повторно ќе ни претстои нова долга транзиција

Од:

Ќе ни престои ново отрезнување и закрепнување, нова транзиција – исто така мачна и долга.

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Не дај Боже да падне оваа власт – дури е добро што таа не дава тоа да се случи. Ја јавнала волјата на малобројниот и од неа појармен македонски народ. Нам, на денешните негови изданки, очигледно ни годи мекиот тоталитаризам на каков што, од нас избраните партиски елити, нѐ навикнуваат и, за таквата ментална општествена состојба нѐ дресираат со по плус некои дваесетина евра просек по глава на жител. Само здравје и мир е нашиот семакедонски крик и… толку. Тоа што е се партиски подјармено, што нема јавност, слободни медиуми, јавен збор – тоа и онака секогаш било привилегија, а не право. Згора, во секоја заедница јавните ресурси им припаѓале и до нив ексклузивен пристап секогаш и секаде, па и сега во современите општества, имале едвај неколку проценти од населението. Тука, во оваа реалност почнува широката социјална слобода и тука завршува македонската демократија.

А, меѓу слободата и демократијата, нашиот граѓанин и нашиот селанец, неприродно си го одбира само својот мир на денот. За утре и за образот, здравје. Во такви ментални околности, во оваа актуелност на македонската општа состојба на духот, елитата која се дограби до управувачките лостови на државата купува мандати со идеи, со дела, ама и со корупција и уцени. Секако, претходно таа обезбеди простор за за себе и само привиден простор со опонентите. Вјарми медиуми, цели редакции, мести тендери на уредници, шири Потемкинови илузии. Поради овие околности, поради неучеството во јавниот дијалог, луѓето и немаат потреба од медиуми. Нив и онака на екраните ги има само кога репортерите пред верските празници и пред зимница ги прашуваат за цените на зеленчукот.

 

Интелигенцијата не молчи – таа активно поддржува режим

 

Не е проблем што интелигенцијата молчи, туку што нашата, нели демократска интелигенција поддржува режим. Многумина новинари, колумнисти, аналитичари, политичари, во малку од власта неконтролираниот медиумски простор што остана, несоодветно се изразуваат кога го изнесуваат тврдењето дека во Македонија интелигенцијата е индолентна, не се изјаснува, не реагира не недемократските практики на власта. Напротив, интелигенцијата го поддржува овој режим. Секако, малкумина од нив негодуваат, пишуваат колумни, блогови, коментари на социјалните мрежи, си ја тешат душата, се спротивставуваат вербално, оставаат некаква трага дека демократијата во земјава уште живурка.

На мнозинството од актуелните генерации македонска интелигенција и особено од интелектуалците, најмалку поради убедување, повеќе поради статусот, привилегиите и веројатно и поради опчинетоста што се во заедничките ешелони со власта, им годи што можат да се ракуваат со политичката елита. Што таа има потреба од нив, што ги качува на бина или што им фрла по некоја трошка од јавните ресурси. Тие се врамени доброволно, многумина дури и го поттурнуваат вратот во оглавот на овој македонскиот облик на елитен тоталитаризам. Нив не ги допира што има политички затвореници, што се затвораат новинари, што еродираат медиуми.

 

Комодитетот пред сѐ

 

Не знам што велат психолозите и науката која третира масовни однесувања, но моето чувство е дека мнозинството луѓе, од тоа не се имуни и образованите, интелектуалците, општествено ангажираните, го подредуваат своето битие на својот комодитет. Наместо макотрпниот пат за посакуваната општествена позиција, нашите лакташи за корка статус им се лигават на политичката елити. Па, затоа се тие последицата од причината што ја именуваме како власт.

И така, дојдовме до точка од која сега македонското општествено ткиво не може да мрдне ниту таму, ниту ваму. Политиката, и власта и опозицијата, поделија сѐ. Особено двете македонски водечки партии ја здробија јавната сфера, новинарството и медиумите, особено етикетирајќи ги на провладини и на проопозициски. Се одомаќинија термините „провладин медиум“, „проопозициски медиум“, „провладин новинар“, „проопзициски новинар“. Аналогно на тоа веќе се наѕира, се профилира провладин и проопозициски простор, се одомаќинува провладино и проопозициско кафуле, кафеана, паркинг, населба и, сѐ така чекор до чекор, како тргнало, до провладини и проопозициски улични барикади. Провладиниот и проопозизискиот „статус“ на сѐ, на секоја појава, на секое занишување на гранките, партиски се толкува од која страна дувнал ветрот. Оваа појава како теза, во најмала рака претставува оригинален македонски придонес, нов постулат за политичката наука. Луѓето веќе не можат уста да отворат. Веднаш, согласно нивната дикција, изговорена мисла, став, не чекајќи каква и да е елаборација, се именувани, впишани, бележани, жигосани како навивачи и поддржувачи на власта или на опозицијата. Таму, како во времето на Кафка ги сместува политиката, на оваа јужната или на онаа спротивната трибина.

 

Резерват на старци на кои им пречи европската промаја

 

Последниве избори се капак на сѐ. Делбите, ако продолжи политиката на стагнирање во меѓународните релации, ќе стануваат уште подлабоки. Никакви внатрешни мерки не помагаат ако не се интегрираме. Не само формално зачленување во меѓународни организации. Ни треба меѓународно интегрирана демократија, економија, образование, култура. Македонија е нужно да биде дел од меѓународниот пазар на сите нивоа. Дел од европската кооперативност, да ги отвори ширум и прозорците и вратите за да не се задушиме во сопствените убедувања на некаква си самодоволна национална горделивост. И, испраќајќи ги младите надвор, да не останеме само резерват на старци на кои им пречи европската промаја.

На избори излегуваме со надеж да избереме власт што ќе не просветлува, унапредува како народ, како нација и општество, како држава, ама и како индивидуи, како активни самосвесни граѓани. Секако не за таа да ни води евиденција за нашата приватност, за да нѐ контролира, да нѐ проверува кого од нас ќе може да го уцени, купи, привилегира. Тоа, таквата орвеловштина, таквата контрола, таквата неслобода, ова тотализирање и фашизирање на општеството, не ги заслужуваме.

 

PS. Во комунизмот имаше ЦК, централен комитет како наредбодател и како супститут на одлуките што им припаѓаа на институциите. Денес во плурална и демократска Македонија, исто така, се возобнови идентичен партиски центар. Тој е сега единствениот привилегиран да креира и да продуцира одлуки, да тужи и да суди. Само што, за разлика од претходниот, овој е подземен. Ги носи државните одлуки што институциите, меѓу нив и полицијата, обвинителството, судството, другите сфери се лесна тема, само формално ги реализираат. Разликата е што тогаш, во едноумието, влијателното партиско тело беше транспарентен орган, а сега ова е илегален штапски, кабинетски ЦК.

Тоталитаризмот секако, исто како и претходниот, кога тогаш ќе заврши. Со целосна ерозија на корумпираното општество. За жал, како и што се случи со него, и со по некој куршум во сопствената слепоочница на некои од неговите креатори и актери.

Ќе ни престои ново отрезнување и закрепнување, нова транзиција – исто така мачна и долга.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска