Али Ахмети, досегашниот коалициски партнер на Груевски, повторно бара да влезе и во новата Влада. Во спротивно се заканува со дестабилизација.
„Доколку ДУИ не стане дел од Владата ќе има нестабилност во Македонија“, изјави Ахмети за косовскиот весник „Нова ера“.
Интегративците, кои и го предизвикаа распуштањето на Собранието, на предвремените парламентарни избори освоија 153 илјади гласови во албанскиот политички блок. Во интервју за косовскиот весник „Нова ера“ Ахмети најавува дека како најголема политичка сила во албанскиот блок ќе преговараат со ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада. Но, во однос на информациите дека лидерот на ДПА Мендух Тачи веќе преговара за учество во владата, Ахмети предупредува дека „таква влада не може да помине, бидејќи тогаш ќе има нестабилност во Македонија.
Тачи претходно изјави дека и да освојат само еден пратеник, ДПА ќе биде дел од Владата.
ДПА на изборите доби поддршка од 66.000 гласачи.
Во наредните денови ќе се водат интензивни разговори дали ДУИ или ДПА ќе коалицираат со Груевски. Имаше и варијанти и двете партии кои ги претставуваат албанскиот електорат да го делат изборниот колач, но тоа ќе биде тешко изводливо поради нескриената нетрпеливост меѓу двете партии, но и фактот дека со тоа позицијата на Груевски би била послаба.
Т.Ц.