Големиот интерес за собирање на сликичките „Панини“ за Светското првенство во фудбал кое летово се игра во Бразил, се гледа и по информацијата која стигна од земјата домаќин. Имено, полицијата од Рио де Жанеиро соопшти дека деновиве е украден огромен пакет со „Панини“ сликички за Мундијалот.
Од италијанската компанија „Панини“ која е производител на сликичките, одбија да коментираат за колкав број на украдени сликички се работи, но се шпекулира дека во украдената пратка имало неколку илјади пакети.
И во Македонија владее голем интерес за собирање на сликички „Панини“. Љубители на фудбалот, а и останатите наши граѓани, од сите возрасти скоро еден месец ги собираат сликичките со „јунаците“ кои ќе се појават на најголемиот фудбалски собир годинава.
Мундијалот во Бразил ќе се одржи од 12 јуни до 13 јули.