Груевски: За СДСМ и овие избори ќе бидат нерегуларни

Од:

Остануваат уште само пет дена до изборите, до двојната победа на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата. Победа и на Ѓорге Иванов за претседател и победа со 62 места во Парламентот. Тоа ќе биде една од најголемите победи во историјата на независна Македонија. На 13 април се виде на кого ја даде довербата, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на предизборниот митинг во скопски Бутел.

Ги повика на гласање да излезат сите оние кои не го остварија своето право на глас на 13 април.

– Ги поканувам сите оние кои во првиот круг не гласаа заради какви било причини, можеби заради некои разочарувања, можеби имале некои очекувања за себе, некој можеби очекувал вработување а не добил, можеби заради некои наши грешки, и ние не сме безгрешни, но ги поканувам и оние кои гласаа за СДСМ и оние кои гласаа или планираат да гласаат за некоја малечка партија која се бори за еден или за двајца пратеника да се приклучат на победничкиот тим ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Македонија со Ѓорге Иванов за претседател, истакна Груевски.

Ја критикуваше опозициската СДСМ, која како што рече, повторно подготвува терен и алиби за тоа дека изборите не биле регуларни.

– Го слушам претседателот на СДСМ, кој го постави Бранко Црвенковски, подготвува повторно терен, како и во првиот круг, да кажат дека ако изгуби СДСМ изборите не биле регуларни. Не знам дали забележувате, но секогаш кога СДСМ не е на власт туку во опозиција, изборите не се регуларни. Па како тоа секогаш кога се во опозиција изборите не се регуларни. И сега најавуваат и веќе отворено зборуваат дека и овој пат ако СДСМ не победеле ќе ги прогласеле изборите за нерегуларни, истакна Груевски.

СДСМ по првиот круг од изборите, рече тој, не достави ниту еден приговор за нерегуларности до Државната изборна комисија.

– По првиот круг заборавија барем една забелешка да достават до ДИК. Немаат ниту еден приговор за нерегуларности на изборите. Во таа гужва, во таа нервоза, тој гнев насобран кај нив заборавија барем за алиби да достават педесет до сто забелешки да има барем простор за лагите што ги кажаа. Барем да кажат еве доставивме стотина приговори, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Смета дека опозициската СДСМ во недела ќе изгуби и на претседателските и на предвремените парламентарни избори.

– Го гледам аболицираниот криминалец кој деновиве се обидува мене и луѓето од ВМРО-ДПМНЕ да не претстави како криминалци. Го гледам како се обидува да не оцрни со фрлање кал, а не знае дека тој на 27-ми ќе пропадне во сопствeната кал, ќе се удави во калта што ја носи со себе. Тоа се очајнички чекори на очајни луѓе. Луѓе кои за пет ќе ги слушаме како ќе викаат, како ќе монтираат, како ќе вадат фалсификат, ќе кажуваат се и сешто, секакви лаги и измислици. И на 27 кога ќе видат дека повторно не можат да го изманипулираат овој народ, кој има доволно искуство, и кој сите нас добро не познава, и добро не одмерил кој сме и што сме, ама и добро и нив ги одмерил гледајќи како се однесуваат… Кога ќе го видат судот на народот од 28 кога ќе се зграпчат меѓу себе да се расправаат, да се обидуваат да се кодошат и да се монтираат внатре во СДСМ, нема да можеме да ги разделиме, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски пред жителите на Бутел потсети дека на 13 април претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата победи со 450 илјади гласови и со разлика од 123 илјади гласови. – Тоа е моќна и голема разлика, истакна тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски посочи на она што во изминатите години е направено за граѓаните, проекти што се ставени во партискиот Отчет, но исто така и на Програмата која содржи 2046 проекти.

Истакна дека во изминатиот период се отворени 120.000 работни места така што стапката на невработеност од 38 се намали на 28 проценти со тенденција на намалување. Само во последните денови се најавени шест нови инвестиции. Лековите во здравството четири пати се намалија, а некои од нив се намалија дури до 86 отсто. Набавени се најсовремени медицински возила, возила за противпожарните единици, за полицијата, отворени се огромен број лаборатории, се преведоа 1.000 учебници кои ги користат најдобрите униврзитети во светот, учениците добиваат бесплатни учебници, над 350.000 лица ја користат можноста за легализација на дивоградбите, се изгради стадионот „Филип Втори“, жицарницата на Водно…

– Донесовме една мерка, која СДСМ ја најавуваше, но не ја реализира. Се сеќавате ли дека СДСМ најавуваше дека ќе вработи по едно лице од семејство, но никогаш тоа не го направи. Направивме план за вработување на 1.600 луѓе од најранливите категории. На најголем дел од нив им овозможивме да се вработат, а за помал дел верувам дека и тоа ќе се заврши, истакна Груевски.

Потсети и на реализираните проекти во Општината Бутел. Посочи на десетина проекти од новата програма на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе бидат отворени најмалку 64.000 работни места, изградба на најсовремен клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, реконструкција на детската болница Козле на што веќе се работи, доизградба на ПЕТ – центар за дијагноза, гасификација на Скопје, пониски камати за проектот „Купи куќа-купи стан“, академија за техничко образование,  за средношколците повеќе видови стипендии, за студентите секој четврток ќе се овозможи бесплатен превоз во автобусите и во жичарницата, како и во кината и театрите, градба на нов училишен објект на ОУ „Живко Брајковски“, реконструкција на „Панајот Гиновски“….

– Ние работиме тимски. Владата со градоначалниците, Владата со пратениците, Владата со претседателот. Затоа победуваме, затоа што работиме тимски, рече Груевски.

На митингот во Бутел се обрати и кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Ѓорге Иванов, носителот на листата во ИЕ 2 Гордана Јанкуловска, европратеникот Милан Ѕвер, кој и искажа поддршка на партијата за изборите во недела, како и претставници на помалите коалициски партии.

Би можело да ве интересира

Набавката на електричните автобуси е задоцнета, имаше три години да се донесе ваква одлука вели Арсовска

Катерина Ѓуровски

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Петрушевски: Бизнис интересот на СДС и ДУИ направи граѓаните да плаќаат поскапа струја

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје