Веднаш по избори ќе почне примената на мерката за отпис на долговите за електрична енергија, за банките и за радиодифузната такса за ранливите категории, за која граѓаните покажаа голем интерес, изјави носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Зоран Ставрески.
– Секаде каде што одиме граѓаните приоѓаат и прашуваат од кога ќе почне да се реализира и како ќе се реализира оваа мерка. Нашата политика и намера е веднаш по завршување на изборите да почнеме со реализација, односно со банките, со ЕВН и со Македонската радио телевизија да пристапиме кон идентификација на граѓаните, пред се, примателите на социјална помош, невработените, семејствата каде што има двајца невработени или ако е еден невработен и ако не е во брачна заедница. Сите нив ќе ги повикаме и ќе разговараме за висината на нивниот долг и ќе пристапиме кон отпишување на долгот и целата таа постапка ќе се заврши во период од два-три месеци. До септември целосно ќе биде завршено и граѓаните може да очекуваат, посебно оние најранливи категории дека со тоа ќе им се помогне многу да се ослободат од извршителите и од притисокот што досега го чувствуваа за наплата на долговите. Станува збор сепак за ранливи категории на граѓани кои реално немаат средства да го направат тоа, посочи Ставрески по посетата на текстилната конфекција „Тозо“.
Оваа конфекција работи подолг период и покрај пласманот на домашниот пазар извезува главно за германскиот пазар.
– Имав можност при посетата на конфекцијата „Тозо“ во Струмица, која што е фирма што долги години работи во Република Македонија, да се уверам дека и македонските, домашните фирми имаат добар производ, којшто се пласира на домашниот пазар, меѓутоа и се извезува во Германија на пробирливиот германски пазар. Тоа е показател дека со добро управување, добри менаџери и добрата бизнис-клима која ја креиравме во Република Македонија домашните фирми можат да остварат добри производствени резултати, рече Ставрески.
Тој додаде дека имале можност да видат дека и работниците се задоволни од условите, дека редовно ја добиваат платата и, тоа, вели, е добар знак дека треба да продолжиме во иста насока.
– Ние со ниски даноци, со ослободување на фирмите од плаќање на данок на добивка, со намалување на казните, со обезбедување евтини средства од Европската банка и општо другите услови за стопанисување да им овозможиме и понатаму фирмите како што е оваа и други во Република Македонија да остваруваат добри резултати, подвлече Ставрески.
Со раководството на компанијата станало збор, додаде тој, и за потребата од изградување стратегија за развој на базната текстилна индустрија во Република Македонија со цел таа што повеќе да има сопствен производ, односно што поголема вградена домашна вредност за да биде попрофитабилно работењето на фирмите.