Градоначалникот на Дебар Ружди Љата денеска информираше за големите штети кои ги предизвика дебелата снежна покривка.
– Неочекуваното за овој период невреме, проследено со големи врнежи од снег, што го зафати дебарското подрачје во средата, каде снежната покривна достигна и до 50 сантиметри, предизвики големи штети врз земјоделките посеви и овошните садници. Од 517 хектари есенски посеви,пченица, јачмен и овес, како и 1340 хектари со фуражни култури, пред се луцерка, над 50 отсто од нив се уништени, што претставува голем удар врз дебарските земјоделци за кои главната егзистенција е токму земјоделството. Големи штети има и кај овошките каде има искрешени гранки но и цели дрвја, рече Љата.
Поради снежната покривка комисијата за оценување на штетите се уште не е излезена на терен за да ја процени детално штетета, а помош за земјоделците планира и општината во рамки на можностите.
Градоначалникот Љата упати посебен апел до учесниците во сообраќајот кои се движат на патниот правец Дебар-Маврово, посебно делницата Дебар-Жировница, да бидат многу внимателни поради појавата на одрони. Поголема ангажираност тој бара од ЈП„Македонија пат“ и сите други надлежни инситуции.