Дебатата „За политичките транзиции“ на која гостинка ќе биде проф. д-р Сузан Вудворд од САД ќе се одржи на 22 април (вторник) во 18 часот во ГЕМ клубот (во Старата скопска чаршија над кафулето Менада).
Професорката која во текот на својата богата кариера предавала на повеќе престижни универзитети, во Скопје ќе говори за политичките транзиции и тоа: во академските истражувања и на дебатите околу нив, во сферата на билатералната и мултилатералната помош и дебатите околу нив, како и што тие значат за луѓето што живеат во земјите „во транзиција“.
Настанот е во организација на Фондацијата отворено општество – Македонија, а ќе го модерира Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование.
Сузан Вудворд е професорка по политички науки на Градскиот универзитет на Њујорк/City University New York (CUNY). Таа е експерт за Балканот, за постсоцијалистички транзиции, за меѓународни интервенции во граѓанските војни и за постконфликтна реконструкција. Има работено како Виш научен соработник во Центарот за мировни студии на Кралскиот колеџ во Лондон. Од 1990 до 1999, била Виш научен соработник на Брукингскиот институт во Вашингтон, а има предавано и на универзитетот „Џорџтаун“, универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Школата за меѓународни студии „Џонс Хопкинс“ и на престижниот универзитет „Јејл“. Во 1994 година, била Координатор на единицата за анализа и оценувања во канцеларијата на Специјалниот претставник на Генералниот секретар на Силите за заштита на ОН (УНПРОФОР) во Загреб, а во 1998 година била Специјален претставник на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина за време на изборниот период.
Авторка е на книгите „Балканска трагедија: Хаосот и распаѓањето по студената војна“ и „Социјалистичка невработеност: Политичката економија на Југославија, 1945-1990“.