Од јавниот сервис се очекува да е професионален, да е урамнотежен и непристрасен во објавувањето релевантни информации за граѓаните да можат да бидат информирани за опциите кои се нудат на претседателските избори. Неместо тоа, јавниот сервис беше константно злоупотребуван како пропаганден сервис за промоција на кандидатот на власта и оцрнување на еден од кандидатите на опозицијата.
Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права
„Новинарите нема да прават пропаганда во корист на ниедна партија или политичка опција.“ (Новинарски прирачник за следење на избори)
Во оваа анализа ќе се занимаваме со прашањето за пристрасноста на МРТ за време на изборите. Да потсетиме, според финалниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, минатата година „…јавниот радиодифузен сервис, како и повеќето приватни радиодифузери, покажаа значителна пристрасност во полза на владејачките партии“. И во „Изјавата за првичните наоди и заклучоци“ за првиот круг на претседателските избори во 2014, се укажува на пристрасност и на „Неуспешноста на јавниот радиодифузер да обезбеди избалансирано и рамноправно покривање…“.
Дали медиумите обезбедија рамноправен натпревар?
Генералната оценка на ОБСЕ/ОДИХР е дека медиумите не озбезбедиле рамноправен натпревар меѓу кандидатите поради „пристрасното медиумско покривање и неразграничувањето помеѓу државните и партиските активности“. Во однос на медиумското опкружување, во првичните оценки на ОБСЕ/ОДИХР се актуелизираат следниве главни критики: „најголемите медиуми биле под индиректна контрола на владејачката партија“; „недостиг од политичка анализа и независно известување“ и „феноменот на автоцензура“.
Што се однесува до прашањето на пристрасноста, ОБСЕ/ОДИХР констатира „јасна пристрасност во полза на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот Иванов и против СДСМ и нејзиниот кандидат“. Поконкретно, во однос на „тонот на медиумското покривање“ на јавниот сервис, ОБСЕ/ОДИХР укажува на следниве разлики: „кампањата на кандидатот – актуелен претседател беше медиумски покриена со позитивен тон на МРТ-1 и МРТ-2, додека пак медиумското покривање на останатите тројца кандидати беше главно неутрално“. Но, како што ќе видиме подолу, дел од медиумското покривање воопшто не беше неутрално, туку беше изразито негативно кон опозицискиот кандидат кој влезе во вториот круг.
Јавен сервис со пропагандни оцрнувачки содржини
Уште на почетокот на кампањата МРТ1 го објавува ТВ-прилогот Пендаровски и натаму ја воодушевува грчката публика (02.04.2014) во кој ги изедначува „Обвинувањата на Пендаровски за политиката на македонската Влада за името“ и „грчките тези за оцрнување на македонската страна“. (Прилогот е надоврзување на пропагандни тези од претходен негативен прилог „Јужниот сосед открива кој е посакуваниот соговорник во разговорите за името…“).
Негативниот тон во прилогот од страна на „постојаниот дописник на МРТ од Атина“ не е насочен само кон претседателскиот кандидат Пендаровски, туку и кон други актуелни и поранешни претставници на СДСМ. Дискредитирачкото претставување „Стево Пендаровски се чини и натаму останува грчки фаворит на изборите во Македонија“ е класичен пример за злоупотреба на јавниот сервис за црна пропаганда во корист на власта, а против опозицијата. Доказ дека станува збор за оркестрирана пропаганда во корист на една партија, а на штета на друга, се речиси идентичните наслови и содржини објавени во други провладини медиуми каде се акцентира истиот дискредитирачки израз „грчкиот фаворит“: „Грците си најдоа свој фаворит во Македонија: Иванов со цврсти позиции за името, Пендаровски покажа флексибилност“ и „Грците си најдоа свој фаворит – Иванов со цврсти позиции за името, Пендаровски флексибилен“.
Пристрасност пред и по ТВ-дебатата
„Само една дебата на која се појавија сите четири кандидати беше организирана од МРТ-1. После дебатата јавниот радиодифузер организираше програма со дискусии која главно се фокусираше на перцепцијата за неуспесите на г. Пендаровски.“ (Изјавата за првичните наоди и заклучоци, ОБСЕ/ОДИХР).
Пристрасноста во корист на Иванов беше очебијна уште во самата најава кога првиот кандидат е претставен како „поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, а другите кандидати се претставени како поддржани од само една партија. (ЕКСКЛУЗИВНО: Дебата меѓу претседателските кандидати, утре после Дневник 2 на МРТ1). И на најавата на дебатата во ТВ-Дневник 2 на МТВ, Иванов е прв претставен како сам влегува во зградата на МТВ, а Пендаровски е претставен последен и тоа како се ракува со другите кандидати. Во извештаите од митинзите пред дебатата, претставувањето на Иванов е технички беспрекорно и наликува на платена политичка програма. Претставувањето, пак, на Пендаровски е со технички пречки (преклопување на гласот на претставувачката со гласот на кандидатот) и какофонија од звуците на митингот. Притоа, неколку пати се објавуваат тенденциозни снимки кои сугерираат незначително присуство на поддржувачи. Такви тенденциозно снимки беа објавувани и во прилози за други митинзи на Пендаровски, како на пример во Прилеп, кога се прикажуваат снимки од пред почетокот на митингот (на залез), иако митингот се оддржува ноќе.
По завршувањето на дебатата на МРТВ се води „експертска“ дискусија на која се поканети само гласноговорници на владејачката партија, а ниту еден критичар. Откако единствено Иванов не се појави на дебатата организирана од страна на НДИ, МТВ продолжи со оцрнувачката стратегија „манипулација со пристрасни експерти“. Имено, во прилогот „Боцевски: Иванов сигурен, Пендаровски неподготвен на ТВ-дебатата“ како „независни“ експерти кои негативно го претставуваат кандидатот Пендаровски се јавуваат: близок соработник на Иванов – портпарол и министер на владата на Груевски и професорка која не успеа да собере потписи за кандидатура за претседател.
Пристрасност во избор на извори и експерти
„…недостигот од политичка анализа и независно известување беше широко распространет“ (Изјавата за првичните наоди и заклучоци, ОБСЕ/ОДИХР).
Пристрасноста на МРТ1 во изборот на политички аналитичари за време на покривањето на претседателската кампања е пример за пристрасност преку избор на извори. Имено, јавниот сервис ги избираше како единствени извори на информации и ги претставуваше како независни „експерти“ лица кои биле поранешни студенти или блиски соработници на Иванов.
На пример, во прилогот „Аналитичари: Немањето константен став по однос на името и штети на државата“ се искористуваат шпекулативни изјави на двајца избрани „експерти“ за да се оцрни еден од опозициските кандидати, без да се појасни дека и објацата работеле во ист институт, основан токму од претседателскиот кандидат кој го поддржуваат.
Во прилогот „Анализа: Како се претставија кандидатите за шеф на државата?“, објавен токму пред изборниот молк, повторно се користат истите извори на информации, кои од позиција на експерти, даваат пристрасни изјави во полза на кандидатот на владејачката партија, а против кандидатот на опозицијата.
И по изборите, повторно, на МРТ1 единствени извори на информации се провладини гласноговорници. И во анализата „Очекуван резултат од првиот круг и поголема жестокост во рамки на вториот“ прв извор е колегата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен портпарол и министер во владата на Груевски, кој од позиција на „познавач на политичките прилики во земјава“ ја оцрнува опозициската партија како „токсичен бренд“.
Токму поради ваквата очебијна пристрасност на МРТ, особено преку злоупотреба на пристрасни политички аналитичари, и ОБСЕ-ОДИХР укажа на широка распространетост на „недостиг од политичка анализа и независно известување“.
Од јавниот сервис се очекува да е професионален, да е урамнотежен и непристрасен во објавувањето релевантни информации за граѓаните да можат да бидат информирани за опциите кои се нудат на претседателските избори. Неместо тоа, јавниот сервис беше константно злоупотребуван како пропаганден сервис за промоција на кандидатот на власта и оцрнување на еден од кандидатите на опозицијата.
(продолжува)
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).