НАТО, НАТО мое злато…си потпевнуваа оние кои ни ја водат државата…Се надеваа дека тие таму од злато биле, ама излезе ни за обична бижутерија не вределе. Они ќе ни кажуваат што смееме ,а што не, што ни фали, а што имаме во изобилие. И додека сите нешто бараа, НАТО едиствено ни даде… повторно шут карта во еден правец.
Премиерот распали по НАТО, згрме, и земјотресот се почувствува наместо во Чикаго , во Италија и Бугарија.
Уффф…ама недела!!!
И по ова следуваа серија молби и жалби, опозицијата бара итна седница, и уште да дошле премиерот и претседателот. Ама па навистина е опозицијава без осет, луѓето имаат полни раце работа. Претседателот се заморил од жестоката, маратонска дипломатска битка која ја водел со душманите во Чикаго, а и премиерот, ем со опозиција пораки си праќа, а и час е на Исток, час на Запад, среќе од 24/7 работа не згреши и сред Рим и Ватикан со кинески стапчиња не почне да јаде.
Уффф…ама недела!!!
http://www.youtube.com/watch?v=jD8t_17zswc&feature=g-upl
А и другиов дел од опозицијата без усул во барањата, едни техничка Влада, други предвремени избори, трети оставки на министри ем вицепремиери. Па не ни е Владата или премиерот златна рипка, па да исполнува барања и желби. Државата си го знае редот, а и спикерот, не може опозицијата да му го ремети редот. А и што па сега запнале за итна седница, и онака ќе бидат искарани зошто трошеле на зборење, народни пари. А и ДУИ, ем не им е по кеиф писанието на премиерот,ем, од Влада , како што велат нивните колеги, нема сила која ќе ги извади. Ако Груевски ги бркал низ врата, тие ќе влегувале низ прозорец…Е како да не…Тоа е само чиста клевета, имаат тие уште да работат…или..
Уффф…ама недела!!!
А можат тие илјадарчиња попаметно да се потрошат, по Александар, се крена и татко му, и за да не бидеме обвинети за полова дискриминација, треба да се штеди и еден споменик за Олимпија, мајката на воинот на коњ и за сопругата на воинот.
Уффф…ама недела!!!
И таман си мислевме, ај некако истуркавме со ова странциве, кога ете ги пак, без усул, на празник, катиљ ферман пак добивме, владата се мешала во судство и медиуми, имало селективна правда, немало слобода на медиуми, се апсело, уривало и држело во притвор без ред и поредок. Па добро они подобро знаат или ние, премиерот море фино им врати, аман до кога се исти извештаи ќе ни праќате…И ние по теркот на Кина, не го изесапивме извештајот на Стејт департментот. Ало, луѓе сменете плоча, па не може се исто да ни кажувате, или до нас е проблемот.
Уффф…ама недела!!!
Уффф…ќе заборавев, не за Евровизија, туку за хипокризијата кај македончето, ја плукавме, критикувавме, исмејувавме, и кога Калиопи ја внесе Македонија во финале, црно и бело стана се….
Уффф…ама недела!!!
Катерина Цаневска Арсовска