Моќта на неопределените

Од:

Претходната недела во Дневник излезе уште една анкета со која се мереше пулсот на народот. Бројките само го потврдија тоа што сите веќе го знаеме: „Повеќето од граѓаните стравуваат дека може да се случи нов меѓуетнички конфликт, сметаат дека економската состојба е лоша, но решение не гледаат во доаѓање на власт на опозицијата”.

Значи, според испитаниците, граѓаните на Македонија се наоѓаат, како што би рекле англичаните со нивната смилса за хумор, помеѓу камен и тврдо место – безизлезна ситуација. Си велиме, „не ни се допаѓа тоа што ни се случува, но немаме друга опција”. Но дали е навистина така?

Најинтересната бројка од анкетата е фактот што скоро 40% се т.н. „неопределени“. Па се прашувам, како и по секоја анкета, дали знаат овие неопределени дека се всушност најмоќниот политички блок во државата? Дали се свесни дека ако гласаат заедно би можеле да формираат влада без коалиција, и дека би имале ист број гласови како ВМРО (22,1%) и СДСМ (18,6%) заедно?

Да, точно, овие неопределни на крај ќе се решат за една од партиите и нивниот број ќе се намали, но штом на минатогодишните предвремени избори излегоа околу 63% од гласачите, што беше оценето како исклучително висок одзив за избори кај нас, можеме да заклучиме дека и следниот пат минимум 37% ќе си останат дома.

Оттука, логично е да се заклучи дека повеќето од овие неопределени се всушност незаинтересирани (иако би сакал да верувам дека на повеќето ги интересира својата иднина и иднината на нашата земја). Има меѓу нив песимисти, кои “знаат” дека нивниот глас нема ништо да промени, а има и самонаречени реалисти кои исто така “знаат” дека промена на власт нема да донесе никаква промена во нивниот живот – сите политички партии се исти, сите си го гледаат своето, гајле им е за народот.

Но, и да се во право и „песимистите“ и „реалистите”, и да беше во право Винстон Черчил кога рече дека ,,демократијата е најлошата форма на владеење, освен сите оние други форми кои сме ги пробале од време на време”, сега за сега, гласањето е единствениот достоинствен начин да го изразиме(не)задоволствотосо нашите лидери. Зошто не би го искористиле тоа право? Илјадници луѓе низ целиот свет го дадоа животот во борба за таквата можност, најмалку што можеме да направиме е да гласаме, од почит за нив, ако ништо друго.

„Ама, за кого да гласам штом сите се исти?” За никој! И тоа е глас. Но гласај! Пречкртај го лифчето, гласај за сите, напиши „не знам”, нацртај нешто, но отиди до твоето гласачко место и пушти глас. И да е залудно, и да “знаете” дека тоа нема ништо да промени, сепак, направете го – за вас, за да знаете дека барем нешто сте направиле и за да се знае дека сте активно вклучени. Само немојте самите да си го одзимате гласот, бидејќи тој може лесно да биде злоупотребен, и бидете сигурни дека тогаш баш никој нема да ве чуе.

Секој си мисли дека е немоќен се додека не разбере дека и други околу него го мислат истото. Секој се плаши дека ако сам направи нешто, никој нема да му се придружи. Но, ова кратко видео ни докажува дека не е секогаш така: http://blog.ted.com/2010/04/01/how_to_start_a/

Се разбира, политичкото организирање и откаченото играње на фестивал немаат многу допирни точки, но овој пример покажува што може да никне од нешто различно, нешто ново, нешто што органски ја менува парадигмата.

Што би се случило, на пример, ако на некои идни избори „неопределените“ најдат начин да се договорат масовно да ги поништат своите ливчиња во знак на протест против досегашниот развој на политиката кај нас? Што би се случило ако потоа се избројат повеќе поништени лифчиња отколку гласови за двете најголеми партии? Тоа не би било мала работа.Тоа би било моќно граѓанско и демократско изразување на револт, на докажување дека моќта е кај народот и дека без нашите гласови политичките партии би изчезнале преку ноќ.

Но, за да можеме ние, граѓаните, на било каков начин да ја покажеме нашата сила, би ни требало далеку повеќе заинтересираност, организираност и единство отколку што имаме сега. Би требало и да се научиме да размислуваме поинаку, надвор од кутијата во која што сме сега ставени, во којашто не’ убедуваат дека друг начин нема, и во која што веќе тешко се дише. И, можеби најважно, сето тоа би морало да се одвива во систем на задолжително гласање, како што има во 23 земји низ светот, каде гласањето е прифатено како морална обврска и народот знае дека правото на глас не е право, туку должност.

Игор Стефановски

Колумната е превземена од http://defacto.mk

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска