Канцеларијата за промоција на културата и туризмот на турската амбасада во Сараево денеска соопшти дека е забрането работењето на туристичката агенција „Баракуда туризам“, која промовираше абортус туризам во Босна и Херцеговина.
Компанијата „Баракуда тур компани“ од Истанбул пред две недели почна со организирање на туристички патувања, чија цел е вршење абортус во странска земја, а една од популарните дестинации беше БиХ, каде четири дена, три ноќевања и абортус чинат 600 долари.
Во соопштението на Канцеларијата за култура и туризам на амбасадата на Турција во БиХ, Џенгиз Ајдин наведува дека Министерството за култура и туризам на Турција пред 10 дена отворило истрага за овој случај, објави порталот Клих.ба.
– Турција вложува големи напори за развој на туризмот. Овој несреќен случај штети на имиџот на Турција. Тој не е во согласност со нашите етички вредности и туризмот воопшто. Со одлука на Министерството за култура и туризам на Република Турција е одземена лиценцата за работа на споменатата туристичка агенција, се наведува во соопштението.
Агенцијата „Баракуда туризам“, освен БиХ, како дестинации за „абортус туризам“ ги нудела и Украина, Романија и некои други земји.