Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави нов бран царини за увоз на стоки од Кина, Европската Унија и уште 12 трговски партнери, продолжувајќи со спроведувањето на трговската политика на претседателот.
Највисоки царински стапки, до 40 проценти, се предвидени за Кина, додека Виетнам се соочува со царини до 35 проценти. За останатите земји и економии се предлагаат стапки од 20 или 25 проценти.
На списокот се Кина, Европската Унија, Сингапур, Швајцарија, Индонезија, Малезија, Камбоџа, Тајланд, Јужна Кореја, Виетнам, Тајван, Бангладеш, Јапонија и Индија.
Канцеларијата на американскиот трговски претставник (USTR) ги објави предложените царини заедно со обемни извештаи во кои се образложува како трговските практики на секоја од засегнатите земји и економии влијаат врз американската трговија.
Новите царини не се очекува да стапат во сила пред следната година. Пред тоа, предлогот треба да помине низ процес на јавни консултации, а можно е да се одржат и јавни расправи.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир изјави дека новите царини ќе создадат „рамноправни услови за американските работници и ќе отворат пат кон поодржлива насока за светската економија“.
Тој оцени дека многу трговски партнери на САД со децении спроведувале индустриски стратегии насочени кон производството, ограничување на платите и потиснување на работничките права.
Според Грир, тие користеле и други практики што ги нарушуваат пазарните услови, ја пренасочуваат трговската рамнотежа во нивна корист и ја ослабуваат американската производствена база.
Економистите, пак, предупредуваат дека царините можат да ја поттикнат инфлацијата и да ги зголемат цените за потрошувачите, доколку компаниите ги пренесат повисоките трошоци врз купувачите. Тие можат и да ја забават глобалната трговија.
Трамп повеќепати се закануваше со царини или воведуваше дополнителни давачки во текот на вториот претседателски мандат, тврдејќи дека на тој начин ќе го поттикне производството во САД и ќе отвори нови работни места. Тој настојува и да го намали американскиот трговски дефицит, односно разликата меѓу вредноста на стоките што САД ги увезуваат и оние што ги извезуваат.
Новите мерки следуваат откако Врховниот суд на САД претходно годинава оцени дека таканаречените царини од „Денот на ослободувањето“, објавени од Трамп во април 2025 година, се незаконски.
Според економистката Чанг Пао-Ли од Универзитетот за менаџмент во Сингапур, новите царини се потпираат на посилна правна основа. Наместо претходно користените претседателски овластувања за вонредни состојби, администрацијата сега се повикува на надлежностите на Канцеларијата на американскиот трговски претставник за воведување царини како одговор на одредени странски трговски практики.
Сепак, таа не ја исклучува можноста новите мерки да се соочат со правни предизвици. Како пример посочи дека царините воведени врз основа на членот 301 од американскиот закон за трговија за време на првиот мандат на Трамп во голем дел останаа во сила и за време на администрацијата на Џо Бајден.
Стивен Браун, главен економист за Северна Америка во „Капитал економикс“, оцени дека најавата не е толку загрижувачка како што изгледа, бидејќи новите царини во суштина ги заменуваат претходно најавените давачки од летото. Според него, дополнителното оптоварување ќе биде ограничено, бидејќи новите царини ќе опфатат релативно мал број производи.
Новите мерки предизвикаа реакции кај засегнатите трговски партнери на САД.
Вашингтон предложи и царина од 10 проценти за бразилските производи, во рамките на посебна истрага за наводни штетни трговски практики што ги поткопуваат американските работници.
Бразилските власти реагираа со „огорченост“, оценувајќи дека мерката има цел да изврши притисок врз владата за промена на регулативите во области како дигиталната трговија. Царините би се однесувале на готови авиони и шеќер што Бразил ги извезува во САД.
„Бразил нема да попушти пред ваквите закани“, соопшти кабинетот на претседателот Луис Инасио Лула да Силва.
Европската комисија ги отфрли новите американски царини и најави дека ќе ги испита причините за нивното воведување. Од Брисел посочија дека царините треба да бидат ограничени на 15 проценти, согласно претходно постигнатиот договор со Вашингтон.
Виетнамскиот вицепремиер Буи Тан Сон изјави дека најавените царини не се во согласност со реалноста на економската и трговската соработка меѓу двете земји.
Јапонската влада ги оцени американските царини како „за жалење“, додека Сингапур соопшти дека не се согласува со наодите на Белата куќа и дека разговара со американскиот трговски претставник за можностите за намалување на давачките.
Јужнокорејскиот министер за трговија, пак, оцени дека предложената царина од 15 проценти би била „повеќе од прифатлив исход“, бидејќи е во согласност со претходно договореното ограничување со Вашингтон. Минатата година Сеул се обврза на инвестиции од 350 милијарди долари во САД во замена за пониски царини.
Поранешната висока американска трговска преговарачка Венди Катлер од Институтот за политика на Азија изјави дека трговските партнери на САД со нетрпение ја очекувале оваа одлука, но сметаат дека неправедно се обвинети за прекумерно производство.
„Многумина веруваат дека Кина, а не тие, треба да биде цел на американските мерки“, рече таа.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, ги опиша новите царини како форма на „политичка манипулација“ и ги отфрли како неточни американските тврдења дека Кина произведува повеќе отколку што може да потроши.
Најавата може дополнително да ги зголеми тензиите меѓу САД и Кина, двете најголеми светски економии, кои се во трговски спор и натпревар за доминација во областа на вештачката интелигенција.
Двете земји претходно воведуваа реципрочни царини, но трговската војна во моментов е ставена во мирување. И покрај минатонеделната средба меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, не беше објавен договор за продолжување на примирјето во трговскиот спор, кое треба да истече на 10 јануари.
Според Катлер, Пекинг засега не открива како ќе одговори, но изгледа подготвен да ги прифати новите стапки доколку тие не надминат 20 проценти.
