Поранешниот шеф на италијанската полиција, Џани Де Џенаро, во саботата беше пронајден мртов, а истражителите во неговата куќа во Тоскана откриле пораки до неговото семејство за кои се верува дека се проштални.
Покрај пораките, биле пронајдени и други документи, јавува „Ројтерс“, повикувајќи се на италијанската новинска агенција АНСА.
Обвинителството во Гросето, провинцијата во Тоскана каде што се наоѓа селската куќа на Де Џенаро, води истрага под сомнение за наведување на самоубиство. Според италијанските медиуми, семејството алармирало откако не успеало да стапи во контакт со него.
„Можеби со него замина и уште еден дел од вистината“, изјави Манфреди Борселино, синот на судијата убиен во 1992 година. Семејството Борселино со години бара целосно расветлување на околностите на атентатот.
„Беше длабоко потресен. Ми звучеше очајно бидејќи мораше да се брани од обвинувања што ги сметаше за неправедни и клеветнички“, изјави за „Ла Република“ неговиот адвокат Франческо Берторота, кој разговарал со него во текот на неделата.
Само една недела пред смртта, обвинителството во Калтанисета побарало Де Џенаро да биде ставен во домашен притвор во рамките на истрагата за обиди за попречување на истрагата за бомбашкиот атентат во Палермо во 1992 година, кога беа убиени судијата Паоло Борселино и петмина полицајци од неговото обезбедување.
Судијата го одбил барањето, по што обвинителството поднело жалба. Одлуката се очекувала во наредните недели. Де Џенаро ја негирал вината.
Истрагата за убиството на Борселино е едно од најконтроверзните поглавја во поновата италијанска историја. Полицијата тогаш пронашла осомничени лица за кои подоцна било утврдено дека се невини. Подоцнежните истраги на полицијата и обвинителството се насочиле кон сомнежите дека во текот на постапката биле изнудени лажни признанија.
Ниту денес не е целосно разјаснето зошто се случило тоа, а истражителите и натаму се обидуваат да утврдат кој ја насочил истрагата во погрешен правец.
Помалку од два месеца пред убиството на Борселино, мафијата со бомба го уби и судијата Џовани Фалконе, близок соработник на Де Џенаро.
Де Џенаро ја предводеше италијанската полиција од 2000 до 2007 година и беше еден од клучните луѓе во борбата против сицилијанската мафија Коза Ностра во осумдесеттите и деведесеттите години.
Сочувство по неговата смрт изрази италијанската премиерка Џорџа Мелони, додека дел од нејзините соработници оценија дека медиумското внимание кон случајот било несразмерно, со оглед на тоа што против него немало докази.
