Додека европските лидери во Берлин разговарале за иднината на Украина и за безбедносните гаранции за земјата, од другата страна на линијата имале неочекуван соговорник – Доналд Трамп, кој се јавил директно од претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.
Американскиот претседател, според информации на „Политико“, им порачал на европските претставници дека Владимир Путин сериозно пристапува кон мировните преговори, но истовремено остро го довел во прашање продолжувањето на европската воена помош за Киев.
Разговорот се случил само неколку часа по средбата на Трамп со Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во Шенжен, што дополнително ја зголемило заинтересираноста на европските сојузници за тоа што било разговарано зад затворени врати.
Според тројца европски функционери запознаени со разговорот, американскиот претседател бил особено критичен кон понатамошното издвојување милијарди евра за вооружување на Украина. Дел од соговорниците неговиот настап го опишале како остар напад врз продолжувањето на финансирањето на Киев, додека други сметаат дека главната порака била дека завршувањето на војната би донело огромни финансиски заштеди.
Необичен начин на вклучување: Му се јавил на зетот, па разговорот бил пуштен на звучник
Интересни се и околностите под кои Трамп учествувал во берлинскиот состанок. Според германската агенција ДПА, американскиот претседател не се приклучил преку официјална видеоконференција, туку телефонски му се јавил на својот зет Џаред Кушнер, кој бил присутен на средбата како специјален пратеник.
Кушнер го вклучил звучникот на телефонот, а звукот дополнително бил засилен преку микрофон за сите присутни да можат да го слушнат Трамп.
Европа не сака договор за Украина без нејзино учество
Во Берлин се собраа претставници на околу 40 држави во рамките на таканаречената Коалиција на подготвените, со цел да се договорат следните чекори за воена и безбедносна поддршка на Украина.
Домаќин на средбата бил германскиот канцелар Фридрих Мерц, а меѓу учесниците биле францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Американската страна ја претставувале специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Европските лидери сакале да дознаат какви пораки размениле Трамп и Путин во Кина и дали Вашингтон ќе ги поддржи европските планови за безбедносни гаранции за Украина по евентуалното примирје.
По состанокот, Мерц испрати јасна порака дека Европа нема да прифати мировен договор за Украина склучен без учество на Киев и европските држави.
„Преговорите можат да успеат само ако Украина и Европа заедно учествуваат во процесот. Формат сличен на Јалта нема да донесе мир“, изјавил германскиот канцелар.
Со ова тој направи алузија на конференцијата од 1945 година, кога САД, Советскиот Сојуз и Велика Британија го договарале повоеното уредување на Европа.
Мерц најавил дека европските држави ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, а средбата на Трамп, Путин и Си Џинпинг во Кина ја оценил како настан кој повеќе бил можност за заедничко фотографирање отколку за конкретни решенија.
Европа стравува од договор меѓу Вашингтон и Москва
Загриженоста во европските престолнини произлегува од можноста Трамп и Путин да постигнат договор за иднината на Украина без директно учество на Киев и неговите европски сојузници.
Особено чувствително прашање се безбедносните гаранции за Украина во случај на прекин на огнот, но и тоа кој ќе го финансира нејзиното понатамошно вооружување.
Последните случувања покажуваат дека Вашингтон и европските престолнини не гледаат идентично на патот кон завршување на војната. Додека Трамп зборува за можноста за договор со Москва и ги доведува во прашање натамошните трошоци за Украина, европските лидери инсистираат дека без нивно учество не може да се одлучува за безбедносната иднина на континентот.
