Пратеничката група на Левица реагираше на денешниот обид на претседателот на Собранието, Африм Гаши, да го прекине одржувањето на седницата за пратенички прашања на опозицијата, повикувајќи се на наводно исцрпување на предвиденото време поради искористените паузи.
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, посочи дека ваквото толкување на Деловникот е неправилно и претставува злоупотреба на претседателската функција со цел да се оневозможи опозицијата да го искористи своето загарантирано право на пратенички прашања.
Повикот на Крмов се темелеше на член 42 став 2 од Деловникот, според кој пратеничките прашања се поставуваат по утврдувањето на дневниот ред, во времетраење од два часа. Оваа одредба не значи дека станува збор за два часа кои мора да се искористат непрекинато, туку дека паузите не можат да се сметаат како искористено време од предвиденото времетраење.
„Пауза значи одложување. Тоа значи дека од моментот на завршување на паузата продолжуваат пратеничките прашања. Повторно пауза – од моментот на завршување на таа пауза продолжуваат пратеничките прашања“, дециден беше Крмов.
Тој посочи дека со ваквото произволно толкување, претседателот на Собранието воспоставува опасен преседан, според кој владејачкото мнозинство би можело со барање на две паузи да го оневозможи целокупното одржување на пратеничките прашања на опозицијата, без притоа да биде поставено и одговорено ниту едно прашање.
„Кои пратенички прашања се случиле? Со кое право Вие тврдите дека пратеничките прашања се случиле? Кој зборел, кое прашање е поставено, кое прашање е одговорено?“, праша Крмов, потенцирајќи дека не може да се тврди дека е искористено времето за пратенички прашања кога тие фактички воопшто не се одржале.
Дополнително, Крмов укажа и на повреда на член 94 став 1 од Деловникот, кој предвидува дека претседателот на Собранието е должен веднаш да му даде збор за процедурална забелешка на координаторот или заменик-координаторот на пратеничка група. Наместо тоа, Гаши го одложувал давањето збор, со што дополнително придонел кон намерното одолговлекување и прекинување на седницата.
Крмов потсети дека во претходна идентична ситуација, претседателот на Собранието правилно толкувал дека паузите не навлегуваат во времетраењето на пратеничките прашања, што ја прави денешната промена на толкувањето уште посимптоматична.
Од Левица предупредуваат дека претседателот на Собранието не смее да го претвора Деловникот во инструмент за заштита на владејачкото мнозинство од парламентарната контрола. Правото на пратенички прашања не е привилегија што Гаши може да ја одзема по сопствено наоѓање, туку деловничка обврска што мора да се почитува.
Крмов побара ова прашање да се разреши, предупредувајќи дека доколку ваквото толкување продолжи да се применува, во Собранието практично нема да може да се одржи ниту една седница без опструкции.
