Македонија има околу 560 полицајци на 100.000 жители, наспроти европскиот просек од приближно 340, но и покрај тоа е на третото место во Европа според стапката на убиства на жени од интимни партнери. Левица прашува како државата со толку бројна полиција не успева да обезбеди ефикасна заштита од насилството врз жените и бара одговори од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од партијата посочуваат дека и Европската комисија во Извештајот за 2026 година констатирала сериозни недостатоци во пријавувањето, истрагите и кривичното гонење на родово базираното насилство, недоволно специјализирани услуги, нефункционални сервиси и недостиг од финансиски и човечки капацитети.
„Панче Тошковски мора да одговори каде е полицијата кога жените алармираат за заштита и помош од државата. Колкумина од службениците се обучени за проценка на ризик од фемицид? Колку пријави за повторено насилство се третирани како високоризични? И каде се резултатите од најавеното зајакнување на системот?“, прашуваат од Левица.
Од партијата оценуваат дека досегашните случаи на фемицид се показател за последиците од пропустите во полициското постапување. Посочуваат дека и покрај претходните пријави и можноста институциите да интервенираат, жените ги загубиле животите.
Како пример го наведуваат случајот со Росица од Велес, во кој кај 11 полициски службеници биле утврдени неправилности во постапувањето, но досега нема соодветна судска разрешница за нивната одговорност.
„Наместо сериозна одговорност за пропустите во заштитата на жртвите, следуваат дисциплински постапки и санкции, додека последиците за жените се неповратни“, се наведува во партиското соопштение.
Левица потсетува и на трагедијата со Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја, по која Владата најави итни промени, законски интервенции и засилена координација меѓу институциите.
Работната група подготви измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со решенија за побрзо постапување на институциите и поефикасна заштита на жртвите. Предлог-измените беа доставени до Собранието во август 2026 година, но сè уште не се ставени на дневен ред.
„Три месеци мнозинството не наоѓа време да расправа за закон што произлегува од потребата да се спречат токму ваквите институционални пропусти. Бараме измените веднаш да бидат ставени на дневен ред на Собранието и да се овозможи нивно разгледување и изјаснување“, бараат од Левица.
Од партијата оценуваат дека најголемата одговорност на власта не се огледува само во извештајот на Европската комисија, туку и во јазот меѓу институционалните капацитети и заштитата што државата не успева да им ја обезбеди на жените.
Левица бара од Тошковски конкретни одговори за полициското постапување и одговорноста за пропустите во случаите на фемицид, а од собраниското мнозинство веднаш да ги стави предложените законски измени на дневен ред.
„Не е прифатливо законските решенија да чекаат во собраниска процедура, додека институциите продолжуваат да се соочуваат со истите пропусти и жените да се претвораат во уште една статистика“, порачуваат од партијата.
