(ВИДЕО) Надзорна расправа: Со одлука на владата на СДСМ во 2023 бил дозволен влез на Алта банка, вели Мицкоски

Од:

Одговорноста за влезот на Алта банка на македонскиот пазар, нејзиното работење и последиците од воведувањето администрација беа во фокусот на денешната надзорна расправа во Собранието, на која прашања до премиерот Христијан Мицкоски упатија претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и пратеникот на Левица, Борислав Крмов.

Филипче оцени дека Мицкоски има директна и најголема политичка одговорност за влезот на банката во Македонија, начинот на кој добила дозвола да купи домашна банка, но и за последиците со кои денес се соочуваат граѓаните по блокадата на нивните средства.

„Премиере, имате директна и најголема политичка одговорност за ова што се случи кај нас со Алта банка. Прво за влезот на банката кај нас, понатаму за расплетот кој следеше по изборите во Србија, притворот на газдата Давор Мацура и блокадата на средствата, парите кои нашите граѓани ги имаат во сега Алта банка Македонија“, рече Филипче.

Тој посочи дека Мицкоски не може да тврди дека не знаел за кого станува збор, бидејќи за Алта банка и нејзиниот сопственик Давор Мацура се зборува веќе една година. Според Филипче, доколку премиерот немал информации за банката и нејзиното работење, тогаш се поставува прашањето како ја извршува премиерската функција.

„Година дена зборуваме за тоа која е Алта банка. Зборуваме за тоа кој е Давор Мацура. Не може вие да не знаете која е Алта банка и кој е Давор Мацура. Ако вие не знаете или немате информации, не треба и не можете да ја извршувате функцијата која ја извршувате. Алта банка е личната банка на Александар Вучиќ“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи и на влијанието врз јавните претпријатија да продаваат акции на банката, како и на изјавата на гувернерот Трајко Славески, за која оцени дека отвора прашања за политичкото влијание врз одлуките на Народната банка.

Филипче побара од Мицкоски да одговори што точно му кажал на гувернерот во врска со Алта банка и нејзиниот влез на македонскиот пазар, алудирајќи дека премиерот можеби му дал насоки како да постапи.

„Огромна е вашата политичка одговорност. Гувернерот Трајко Славески беше тој кој тоа го кажа. Понатаму сте влијаеле преку притисок на јавните претпријатија да продаваат акции на банката. Со оглед на тоа што е кратко времето, да го поставам прашањето: што точно му кажавте на гувернерот, кога очигледно сте му дале наредба или кога ве прашал што да прави со Алта банка и влезот на таа банка кај нас?“, праша Филипче.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, исто така ја отвори улогата на премиерот во процесите поврзани со банката. Тој побара одговори за консултациите на Мицкоски со гувернерот пред влезот на банката на македонскиот пазар, јавните изјави за нејзина продажба и разговорите со други банки.

Крмов праша врз основа на кои законски овластувања премиерот се вклучува во прашања што се во надлежност на регулаторните и другите надлежни институции.

„Очигледно во оваа држава веќе не ни требаат институции. Доволни сте само Вие“, рече Крмов, проблематизирајќи го мешањето на политичката и институционалната улога во банкарскиот сектор.

Одговарајќи на критиките, Мицкоски рече дека како претседател на Владата нема да игнорира проблеми што се случуваат во државата и дека ќе направи сè за да се најде решение. Како пример ја посочи енергетската криза, кога, како што рече, и од опозиција нудел помош и поддршка.

Премиерот нагласи дека целта на неговото вклучување е да се најде решение со кое најпрво ќе се заштитат вработените во банката, а потоа и нејзините доверители. Тој тврди дека Алта банка е ликвидна и дека Народната банка навреме ги презела потребните мерки.

„Стојам на ставот не само јас, претпоставувам и сведоците кои следат, дека оваа банка е апсолутно ликвидна банка, дека нашиот систем има механизми тоа да го одржи стабилно и дека нашиот систем во рамките на функционирањето на оваа банка ја одржал таква каква што е. Механизмите кои ги има на располагање Народната банка навремено интервенираа. Според сите познавачи кои ги консултирав, сите велат дека апсолутно навреме е постапено, по книга е постапено, сè со цел да се спаси оваа финансиска институција“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека преземените и најавените чекори се насочени кон заштита на интересите на граѓаните и државата и дека очекува да се дојде до решение со кое банката нема да банкротира.

Притоа, Мицкоски ја спореди ситуацијата со случајот на Еуростандард банка, за чиј банкрот ја обвини претходната влада на СДСМ и ДУИ.

„Конечно ќе дојдеме на крај до решение во кое оваа банка нема да банкротира како што тоа беше случајот со Еуростандард, која банкротира откако неколку дена претходно министер во владата на СДСМ и ДУИ си го подигна својот штеден влог, што претставува скандалозно нешто. Тоа е суштината во овие работи“, изјави премиерот.

„Јас би сакал еден документ да го презентирам овде пред македонската јавност, а тоа е извадок од Нацрт записникот од 194 седница на Владата одржана на 24 октомври 2023 година. Тогаш претседател на Владата е господинот Димитар Ковачевски и на самата седница на Владата се отвора темата за Алта Банка АД Белград, односно тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими излегува со информација во која бара од Владата да му одобри на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта Банка- Србија“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието за состојбите во Алта Банка Битола, како одговор на обвинувањата дека актуелната власт дозволила сомнителен капитал од Алта Банка да влезе во македонска банка.

„Уште во 2023 година владата на СДСМ и ДУИ на владина седница му дава насока на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта Банка со истиот овој сопственик Давор Мацура. Тука се поставува прашањето дали тие тогаш знаеле кој е Давор Мацура или кога се одлучиле акциите кои што ги поседува државата во банката која што ја купува Давор Мацура да му ги продадат, имале претстава дека тоа е руски капитал, „прљави“ пари, криминално стекнати пари или тогаш тоа не важело? На таа владина седница е присутна половина пратеничка група на СДСМ во својство на членови на Влада. Најпрвин од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, потоа таму е присутен Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи, министер за земјоделие е Љупчо Николовски, министер за транспорт е Благој Бочварски и останати членови на Владата. Сите тие гласале да се даде право на државното правобранителство акциите кои се сопственост на Македонија во банката која што ја купува Давор Мацура, да му ги отуѓат на Давор Мацура“, посочи Мицкоски.

Тој запраша каков бил капиталот на Алта банката во 2023 година или тогаш имало други околности и тогашната власт имала блиска соработка со Александар Вучиќ.

„Сакам македонската јавност ова јасно да го знае, дека Македонија како држава во деловни односи со Алта Банка на Мацура ја носи Владата на СДСМ и ДУИ, на предлог на тогашниот министер Фатмир Бесими, на седница на која што гласаат половина пратеничка група на СДСМ во својство на членови на таа влада“, заклучи претседателот на Владата, Мицкоски.

Во однос на разговорот со гувернерот Трајко Славески, Мицкоски рече дека станува збор за нормална институционална комуникација и дека е логично премиерот да биде информиран од Народната банка кога ќе се случи аквизиција на банка, наместо за тоа да дознава од медиумите.

Тој ги отфрли обвинувањата дека нудел или продавал банка, нагласувајќи дека не постапувал во некакво посебно својство, туку како претседател на Владата со легитимитет добиен од граѓаните на изборите.

„Јас не знам како поинаку тоа би функционирало, освен на тој начин на кој функционира еден систем. Ако не е така, тогаш е стихија, а тогаш имаме навистина проблем. Не би сакал додека јас сум претседател на Владата ниту една институција да има проблем. Во кое својство јас ја нудам, продавам или како сè не ме нарекоа? Јас во никое својство, имам легитимитет од отприлика 450.000 граѓани кои на последните парламентарни избори ја дадоа довербата на коалицијата која ја предводам, а ако на тоа се додадат гласовите на коалициските партнери, тогаш доаѓаме до бројка над 600.000 гласа“, рече Мицкоски.

Би можело да ве интересира

Компаниите што редовно исплаќале плати преку „АЛТА банка“ ќе можат да вршат исплата на плати и придонеси

Катерина Ѓуровски

Надзорна расправа за „Алта банка“ во Собранието

Од денеска достапни електронското и мобилното банкарство на Алта банка, од утре се отвора експозитурата во Скопје

(ВИДЕО) Филипче: Кој е Мицкоски да продава банки и кој би купил пропадната банка

Народна банка: Денеска реализирани 750 исплати во „АЛТА банка“ во Битола, Струмица и Тетово

А1он

НБРМ: Отворени шалтерите на „АЛТА банка“ АД Битола во Битола, Тетово и Струмица – исплатата на средствата се одвива непречено

Горан Наумовски