Одлука на Кривичниот суд во Каиро, објавена на 10 ноември во египетскиот службен весник, опфаќа 35 организации и 36 лица од повеќе европски држави, кои се внесени во египетските списоци на терористички организации и терористи за период од пет години.
Меѓу наведените организации е и субјект од Македонија, означен со арапското име „Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами“ (تجمع الشباب الإسلامي), што во превод значи „Исламско младинско здружение“.
Според списокот објавен од египетската новинска агенција МЕНА, меѓу организациите се и Советот на муслиманите во Европа, Исламската асоцијација во Велика Британија, Лигата на муслиманите во Швајцарија, Исламската заедница во Германија, Европскиот совет за фетви и истражувања, Европскиот совет на имами и Европскиот институт за хуманистички науки.
Засега нема доволно јавно достапни податоци за точното правно име и регистрацијата на македонската организација. Во списокот на граѓански организации, врз основа на податоци од Централниот регистар, постои здружение „Исламски младински форум – Скопје“. Арапското име наведено во египетската одлука по значење се совпаѓа со името на ова здружение, но тоа не е потврда дека станува збор за истиот субјект.
Наведувањето на организација од Македонија во египетската судска одлука отвора прашања за нејзиниот идентитет, активностите и евентуалните меѓународни поврзаности.
Во досега објавените извештаи нема посебно образложение за македонскиот субјект, ниту се презентирани конкретни докази за неговата наводна поврзаност со терористички активности.
