Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, денеска оствари средба со тетовскиот муфтија, Селвер Џемаили и митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф, со кои разговараше за најновите случувања во Тетово, односно за изолираните меѓуетнички инциденти, кои некој се обидува да ги искористи за сопствени цели.
Од оваа средба, соговорниците упатија заедничка порака, повикувајќи на мир, толеранција и меѓусебно разбирање меѓу сите заедници.
„Тетово е наш заеднички дом. Мирот, безбедноста, благосостојбата и соживотот се наша заедничка одговорност. Нашиот град е пример за заеднички живот меѓу сите етнички заедници, кои живееле и продолжуваат да живеат во целосна хармонија. Во никој случај нема да дозволиме некој да ги злоупотребува децата и да поттикнува меѓуетнички тензии“ се вели во пораката.
На средбата, соговорниците ја изразија подготвеноста за воспоставување заедничка платформа за соработка со верските институции, училиштата, родителите и граѓанските организации, со цел организирање средби, дијалог и културни, едукативни и спортски активности, кои ќе ги зближат младите.
„Цврсто веруваме дека мирот, толеранцијата, културата, комуникацијата и почитувањето се единствените патишта за унапредување на сите процеси, за изградба на здраво општество и достоинствено семејство“ се наведува во заедничката порака.
