Зa Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, за којшто претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша указот за негово прогласување, поднесени се 2158 амандмани. Владејачкото мнозинство има поднесено амандман во согласност со укажувањата на претседателката со којшто ќе бара бришење на спорниот член 13 од измените. Останатите амандмани се поднесени најмногу од СДСМ. Законот е ставен на дневен ред на пленараната седница закажана за утре.
Претседателката на 4 ноември до Собранието упати допис во којшто посочува дека по внимателна анализа и консултации со експерти, решила, согласно член 75 став (3) од Уставот, да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, којшто Собранието го донесе на седницата одржана на 26 октомври 2026 година.
– Сметам дека новото законско решение, во, за мене, спорната одредба од членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, отвора сериозни дилеми за владеење на правото. Имено, ставот 4 на членот 132 од Законот за јавни набавки, којшто гласеше: „Претседателот и членовите на Државната комисија се именуваат за период од 5 години, со право на уште еден избор“, со членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, се смени и гласи: „Претседателот и членовите на Државната комисија се именуваат за период од 5 години, со право на повторно именување“. Формулацијата „со право на повторно именување“, за разлика од формулацијата „со право на уште еден избор“, којашто јасно воспоставува лимит од 10 години, е случајно или намерно правно непрецизна и нејасна и остава простор за арбитрерна интерпретација, во смисла на неограничен реизбор. Во духот на мислењата и препораките на Венецијанската комисија, укажувам дека ако можноста за еден резибор, во смисла на 5+ 5 години членство во Комисијата за набавки, овозможуваше голема моќ и влијание, тогаш легализацијата на неограничениот број мандати се заканува со концентрација на апосолутна моќ во неколкумина во одлучувањето за трошење на огромни износи државни пари – напиша претседателката Сиљановска Давкова.
Потсети и дека работата на ова тело низ претходните децении била обележана со низа проблеми, сомнежи, обвинувања и дилеми за (не)пристрасно, (не)одговорно и (не)законско работење.
– Во оваа смисла, би разбрала решение за ограничување на членството во Комисијата за набавки на еден мандат, односно на пет години, но имам низа дилеми за оправданоста на законската можност за неограничен број мандати.
Молам, од демократски причини, Собранието, при повторното разгледување на членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки да се обиде да ги разбере причините за моето вето, водејќи се од начелото на владеење на правото – посочи претседателката.
Согласно членот 183 од Деловникот за работа на Собранието, ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат самов во врска со укажувањето на претседателот. Рокот за поднесување амандамни за измените заврши во петокот, на 6 ноември.
