(ВИДЕО) САД изведоа нови напади врз Иран. Трамп: Поставија некаков противвоздушен систем

Од:

Американската војска изведе нова рунда ограничени напади врз Иран, а цел беше системот за противвоздушна одбрана, потврди претседателот Доналд Трамп. Акцијата ја опиша како „помала“. Оваа објава доаѓа само неколку дена откако јавноста дозна за претходниот напад и во момент кога се забрзуваат дипломатските напори за завршување на конфликтот, пишува „Гардијан“.

Иранските државни медиуми известија за две експлозии на подрачјето на островот Кешм. Островот се наоѓа во Ормускиот Теснец, клучен поморски пат за транспорт на нафта, кој е во прекин од февруари, кога започна американската војна против Иран.

Трамп во петокот им изјави на новинарите: „Поставија некаков противвоздушен систем, а ние го уништивме за околу 15 минути, можеби и пет“.

Американската војска претходно извести за „одбранбени“ напади во понеделникот. Тогаш се слушнале експлозии на островите Кешм и Хенгам, како и во блискиот крајбрежен град Бандар Абас.

Нападите во петокот се први откако Републиканската партија на Трамп претрпе пораз на изборите за Конгресот, одржани во вторникот. Изборниот неуспех делумно беше поттикнат од незадоволството на гласачите од начинот на кој Трамп ја води војната во Иран, како и од високите цени на горивата, кои се последица на војната и го погодуваат глобалното стопанство.

Во деновите по изборите, Трамп постојано ја менува реториката. Во еден момент се заканува дека ќе го „уништи“ Иран, додека во друг сугерира дека решението на конфликтот е блиску.

Разликите во ставовите околу иранската нуклеарна програма и понатаму се главната пречка за постигнување договор. Трамп инсистира дека ова прашање мора да биде решено во рамките на каков било договор за завршување на војната.

Централната команда на САД (CENTCOM), која ги надгледува американските операции на Блискиот Исток, доцна во петокот објави на платформата X дека нуди „награда до 20 милиони долари и можност за преселување за информации за иранската нуклеарна програма“.

Понудата вклучува информации за постројки, опрема и персонал, како што се научници, или податоци за нивното движење. Објавата содржи и линк до програмата „Награди за правда“ на Стејт департментот.

Трамп претходно во петокот потврди дека посредничките разговори со Иран продолжуваат.

„Разговараме со Иран. Разговараме цело време“, рече тој.

Во изминатите денови беа забележани низа дипломатски телефонски разговори меѓу лидерите во Заливот и пошироко, со цел деескалација на ситуацијата во регионот поради стравувањата дека Трамп би можел да нареди нови напади.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во петокот разговарал за развојот на ситуацијата со својот катарски колега, шеикот Сауд бин Абдулрахман Ал Тани, соопшти катарската влада. Катар веќе извесно време посредува меѓу САД и Иран.

Владата ја објави оваа информација откако потврди дека Трамп и катарскиот емир одделно разговарале за напорите за намалување на тензиите. Во соопштението од кабинетот на катарскиот емир се наведува дека шеикот Тамим бин Хамад ал Тани и Трамп разговарале за меѓународните напори за деескалација.

Би можело да ве интересира

Серија лажни дојави за бомби ги приземји европските авиони: Сомнежот е кон Путин

Русија ѝ се закани на Австрија

ВИДЕО: Нов обид за атентат врз Трамп

Трамп ја прогласува Овалната соба во Белата куќа за национален споменик

Израел e затекнат од одлуката на Трамп: Вашингтон најавува прекин на воената помош

САД, Украина и Русија подготвуваат конкретни предлози за трилатерални преговори