Пропаѓа ли договрот на Трамп и Путин за дизелот

Од:

Контроверзниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на руски дизел во САД, договорен со рускиот претседател Владимир Путин, се соочува со неуспех. Два танкера кои првично пловеа кон американскиот брег нагло го смениле правецот, објави „Фајненшл тајмс“.

Промената на рутите доаѓа во момент кога залихите на дизел во САД дополнително се намалуваат. Според најновите податоци, тие паднале под 100 милиони барели, првпат по повеќе од две децении. Недостигот создава дополнителен притисок врз пазарот на гориво, од кое во голема мера зависи американската економија.

Трамп во пресрет на изборите се договори со Путин за купување и увоз на пратки руски дизел, со цел да ги намали цените на бензинските пумпи и да привлече гласачи. Но, потегот не им донесе политичка корист на републиканците. Демократските кандидати во вторникот остварија убедлива победа низ земјата и ја презедоа контролата врз двата дома на Конгресот.

„Талисман“, руски танкер кој се наоѓа под санкции на САД, Велика Британија и Европската Унија, и „Леруо“, танкер во сопственост на компанија од Хонг Конг, кој плови под знамето на Сиера Леоне и е под британски, европски и канадски санкции, повеќе не го наведуваат американското атлантско крајбрежје како дестинација.

„Леруо“ во понеделникот го сменил сигналот и како нова дестинација го навел Бразил. „Талисман“, пак, се свртел од Атлантскиот Океан и запловил назад кон Средоземното Море, каде што моментално се наоѓа во близина на брегот на Алжир. Бродот испраќа сигнал дека „чека инструкции“, што значи дека сè уште нема потврден купувач на товарот ниту пристаниште за истовар.

Третиот танкер натоварен со руски дизел, „Агиои Фанендес“, во грчка сопственост, според податоците за пловидбата сè уште се движи кон САД, но и тој испраќа сигнал дека „чека инструкции“.

Неговата сопственичка компанија „Eastern Mediterranean Maritime“ претходно за „Фајненшл тајмс“ соопшти дека бродот плови и чека инструкции бидејќи пристаништето за истовар сè уште не е потврдено. Во средата не одговорила на новото барање за коментар.

Од друга страна, танкерот „Бист“ од Сејшелите, кој е под санкции и го натовари дизелот на 27 октомври во руското пристаниште Приморск, исто така плови кон САД. Неговиот сигнал „Атлантик“ укажува дека целта му е американскиот атлантски брег.

Сопствениците на танкерите под санкции не биле достапни за коментар.

Договорот на Трамп со Путин предизвика реакции кај демократите, но и кај дел од републиканските конгресмени. Тие предупредиле дека договорот може да биде незаконски и побарале итно негово поништување.

Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, оваа недела испрати официјално писмо до операторите на пристаништата и терминалите во нејзината сојузна држава, преку кои пристигнуваат пратките наменети за пристаништето во Њујорк. Таа ги предупреди дека мора да го вратат секој танкер што превезува руски дизел, во спротивно ќе се соочат со строги казни.

„Две од трите пратки руски дизел наменети за САД сега се пренасочени кон други дестинации“, изјави Мет Смит, аналитичар во компанијата „Кплер“.

„Третиот танкер, ‘Агиои Фанендес’, треба да пристигне во Њујорк овој викенд. Сепак, со оглед на тоа што американските купувачи очигледно се двоумат поради регулативите, законите и санкциите, воопшто не би било изненадување доколку и овој танкер го смени правецот и ги заобиколи САД“, додава тој.

Јакоб Мелдгард, извршен директор на компанијата за транспорт на нафтени деривати „ТОРМ“, оценува дека досегашните пратки и промените на нивните рути покажуваат оти враќањето на Русија во пошироките трговски текови не е едноставно.

„Дури и пред демократите да ја преземат контролата врз Конгресот, се гледа дека враќањето на Русија во глобалната економија не оди така лесно. Дури ни кога обидот го турка самата американска администрација“, изјави Мелдгард.

Залихите на дизел во светот нагло се намалија поради падот на рафинериските капацитети, предизвикан од војните во Иран и Украина.

Цените на фјучерс-договорите за дизел пораснаа за повеќе од 60 проценти откако Трамп ја започна војната во Иран. Во меѓувреме, цената на дизелот на американските бензински пумпи се движи околу 6,27 долари за галон, што е блиску до историскиот рекорд забележан во септември.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Дронови погодија една од најголемите руски рафинерии, избувна голем пожар

(ВИДЕО) „Ја сакам демократијата“: Туск го слави поразот на републиканците и испрати порака до Трамп

Белата куќа им порачува на Американците: Трамп сè уште е претседател на САД

Трамп: Војната со Иран придонесе за поразот на републиканците, но беше неопходна

(ВИДЕО) Иран има што да каже за изборите: Американците и рекоа НЕ на војната

Катерина Ѓуровски

Додик го утна терминот, стигна во Америка точно за поразот на Трамп

Катерина Ѓуровски