Навистина непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за тие коишто или се осудени за сторени кривични дела или се лица за коишто има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но, ќе бидам тука внимателен затоа што на линија на тоа што го кажа и претседателот на Владата Мицкоски пред пред неколку дена, немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во во Бугарија, која е поврзана и со претседателски избори коишто се во тек во таа држава – изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со словачкиот министер Јурај Бланар.
Муцунски рече дека и на средбата со Бланар било истакнато нашето очекување како земја кандидат за членство, дека и земјите членки на Европската Унија треба да ги почитуваат највисоките стандарди поврзани со владеењето на правдата.
Тој повтори дека билатералниот дијалог со Бугарија за евроинтеграциите ќе продолжи, којшто вклучува и наша активна комуникација со претставници на земјите членки на ЕУ.
– Дијалог има и тој ќе продолжи. Пред неколку дена во Црна Гора се сретнав со францускиот министер за европски прашања, каде што меѓу другото дискутиравме и за оваа тема. Денес тука е колегата Јурај, и ова беше една тема за коишто активно разговаравме, бидејќи нели сите одлуки поврзани со нашата европска интеграција, за нив е потребен консензус. Што значи било какво решение за коешто работиме со Бугарија да го постигнеме, коешто хипотетички би било на линија на нашите позиции, одржливо решение, е потребно да има консензус од сите земји членки. Така да дијалог со Бугарија има, дијалог со европските институции по ова прашање има и дијалог со сите земји членки на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме по тоа прашање, бидејќи ние по однос на европскиот пат немаме никаква алтернатива – рече Муцунски.
Тој посочи дека во моментов нема планирано средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова, но рече дека во декември ќе има повеќе формати, како што ќе биде средбата на министри за надворешни работи на НАТО, каде што ќе бидат заедно присутни.
-О чекуваме ние да бидеме домаќин на формат министри за надворешни работи соработка на земјите од Југоисточна Европа со Украина исто така во месец декември, така да верувам дека ќе има прилика да се сретнам со мојата колешка од Бугарија и отворено да разговараме и за европскиот пат, но отворено и да дискутираме за одредени прашања коишто нас како сосед и не само како земја кандидат, но и како земја рамноправен член во НАТО, за состојби коишто не загрижуваат во однесувањето оттаму, но денес тука ќе застанам бидејќи не ми е целта моја изјава да стане дел од политичка кампања во Бугарија – истакна Муцунски на заедничката прес-конференција со Бланар.
