Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска повика претставник на Амбасадата на Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи, поради неодамнешните изјави на бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, и бугарскиот амбасадор во земјава, Желјазко Радуков, во врска со случајот со Ива Михајлова.
На средбата било изразено незадоволство од изјавата на Демерџиев, која МНР ја оценило како навредлива и провокативна.
Незадоволство било изразено и од изјавата на амбасадорот Радуков за бугарската телевизија БТВ, која македонското министерство ја оценило како директно мешање во внатрешните работи на државата, поради изнесените квалификации за работата на надлежните институции.
„Ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, соопшти МНР.
Од министерството предупредиле дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата домаќин.
На средбата била повторена посветеноста на Северна Македонија на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што одговорност и посветеност биле побарани и од бугарската страна.
