Рекордни 356 милиони евра за општински тендери во изборната 2025 година, Тетово прво на листата

Од:

Општините во Македонија и Градот Скопје во 2025 година склучиле 4.300 договори за јавни набавки во вредност од рекордни 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра. Вредноста на тендерите во изборната година речиси двојно се зголемила во однос на претходната година и достигнала износ колку во претходните две години заедно, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Најголема вкупна вредност на јавните набавки имала Општина Тетово, со 22,5 милиони евра, додека најмалку договори, во вредност од помалку од половина милион евра, склучила Општина Старо Нагоричане.

Тетово бележи и најголем годишен раст на вредноста на тендерите – за дури 20 милиони евра. Најголем пад, пак, има Струмица, каде што вредноста на јавните набавки се намалила за шест милиони евра.

Градот Скопје втора година по ред не е на првото место според вредноста на јавните набавки. По ланскиот пад на шестата позиција, годинава се најде на 14. место, со тендери во вредност од 8,5 милиони евра.

Кога вредноста на јавните набавки се пресметува по жител, на прво место е Чаир со 2.381 евро по жител. На спротивниот крај е Центар Жупа, со само 12 евра по жител.

Истражувањето покажува дека општините во текот на минатата година склучиле договори за јавни набавки со вкупно 1.185 фирми. Сепак, повеќе од една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само десет компании.

Најголема вкупна вредност на склучените договори има струмичката компанија „Жикол“, со договори вредни една милијарда денари, односно околу 16 милиони евра.

Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за јавните набавки на општините во 2025 година. Податоците за општинските јавни набавки од 2015 година досега се достапни и на специјалната база javninabavki.opendata.mk.

Целото истражување е достапно на веб-страницата на Центарот за граѓански комуникации

Би можело да ве интересира

Половина милијарда евра за општините, Мицкоски најавува нов циклус проекти

ЦГК: По две поништени постапки, „Икарус“ и „Зонгтонг“ од конкуренти станаа партнери за набавката на електрични автобуси

Општините имаат дури 50 милиони евра ненаплатен данок на имот

Истражување: Тендери за невидливи пешачки премини

Тендери без крај, енормно зголемена вредност, 13 експерти платени колку 92 работници – ЦГК објави три спорни случаи

ЈСП вози со половина од капацитетот: автобусите се стари, бројот на патници драстично намален

Катерина Ѓуровски