Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за укинување на санкциите кон Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ), објави синоќа весникот „Њујорк тајмс“.
Американскиот весник наведува дека ова се разгледува како дел од напорите за „подобрување на односите меѓу Соединетите Држави и Русија и за помош во ставањето крај на војната“ во Украина.
Неименуван извор изјави дека Кирил Дмитриев – специјалниот пратеник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка во странство и шеф на РФДИ – послужил како „корисен посредник“ за американските преговарачи во разговорите за завршување на војната во Украина.
За фондот да биде отстранет од списокот со санкции, тој мора да докаже дека причините поради кои првично биле воведени ограничувањата, повеќе не постојат.
На 9 октомври, Трамп објави дека е постигнат договор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со испораката на руско дизел гориво за американскиот и за глобалните пазари. Истиот ден, Министерството за финансии на САД издаде општа дозвола за трансакции поврзани со руски дизел, која важи до април следната година.
Подоцна се појавија информации дека РФДИ е вклучен во спроведувањето на овој договор, на барање на Министерството за финансии на САД.
