Адвокатите на Мелис Сутшуруп Сандал, сопругата на турскиот пејач Мустафа Сандал, и на нејзиниот татко Џихан Сутшуруп, се обратиле до Главното јавно обвинителство во Истанбул со барање да ги вратат парите што ги заработиле преку фонд опфатен со истрага за случувањата на пазарот на капитал.
Според податоците од истражниот предмет, објавени од весникот „Џумхуријет“, таткото и ќерката оствариле вкупна добивка од 2.994.689.912 турски лири преку фондот TLY на компанијата TERA. Тоа, според актуелниот курс наведен во извештајот, изнесува околу 54 милиони евра.
Обвинителството, како што се наведува, ги упатило адвокатите до Фондот за осигурување на штедните влогови (TMSF), кој треба да ја води постапката за враќање на парите. Износот што ќе треба да биде вратен, според турските медиуми, ќе биде утврден во наредните денови.
Мелис Сутшуруп Сандал во текот на 2026 година вложила 13,67 милијарди лири во фондот TLY, а од сметката повлекла 15,79 милијарди лири. Само преку овој фонд заработила 2,36 милијарди лири, со што се нашла на првото место меѓу физичките лица според остварената добивка оваа година.
На 16 септември, на нејзината сметка во фондот имало уште околу 250 милиони лири.
Нејзиниот татко, берзанскиот бизнисмен Џихан Сутшуруп, вложил 3,7 милијарди лири и остварил добивка од 639,4 милиони лири, што го ставило на шестото место на листата. На 16 септември, на неговата сметка останале 72,76 милиони лири.
Таткото и ќерката се наоѓаат во странство. Истанбулското обвинителство претходно потврдило дека нивниот имот е запленет и дека по нив е распишана потерница за апсење.
Истрагата била покрената откако турската Комисија за пазарот на капитал (SPK) наредила ликвидација на 131 фонд поврзан со седум компании.
Мустафа Сандал претходно порача дека поврзувањето на неговото име со обвиненијата против сопругата и нејзиниот татко е неправедно и злонамерно. Тој нагласи дека со Мелис, освен брачната врска, нема заеднички финансиски активности.
