Нетфликс објави дека започна снимањето на третата сезона на серијата „The Gentlemen“ на режисерот Гај Ричи, а на актерската екипа ѝ се приклучуваат осум нови имиња: Роберт Карлајл, Елајџа Вуд, Орландо Блум, Декстер Флечер, Бруна Маркезини, Ед Спелирс, Сафрон Бароуз и Багзи Малоун.
Вуд и Блум, кои заедно глумеа во трилогијата „Господарот на прстените“, повторно ќе се најдат во ист проект. Роберт Карлајл на публиката ѝ е најпознат по филмот „Trainspotting“, додека Декстер Флечер и Багзи Малоун претходно соработуваа со Ричи. Флечер работеше со него на филмот „Lock, Stock and Two Smoking Barrels“, а Малоун на „Operation Fortune: Ruse de Guerre“.
Бразилската актерка Бруна Маркезини глумеше во филмот „Blue Beetle“, додека Ед Спелирс и Сафрон Бароуз се појавија во серијата „You“.
Според најавата на Нетфликс, снимањето се одвива во Велика Британија и Мароко. Во новата сезона, Еди и Сузи, кои ги играат Тео Џејмс и Каја Скоделарио, се впуштаат во својот најголем потфат досега – изградба на казино на Блискиот Исток.
Покрај Џејмс и Скоделарио, во новата сезона се враќаат и Реј Винстон, Џоли Ричардсон, Вини Џонс, Џасмин Блекбороу, Хари Гудвинс и Бенџамин Клементин. Дел од актерската екипа повторно ќе биде и Маја Џама, која во втората сезона се појави во улогата на Ајша.
Третата сезона ќе има осум епизоди, од кои секоја ќе трае по 60 минути. Сценариото го потпишуваат Гај Ричи и Метју Рид, додека режијата им е доверена на Ричи и Еран Криви. Серијата за Нетфликс и Miramax TV ја продуцира продукциската куќа Moonage Pictures.
Нетфликс ја потврди третата сезона во август, пред премиерата на втората сезона на платформата на 3 септември. Ричи тогаш за порталот Tudum на Нетфликс изјави дека амбициите и светот на серијата се прошириле, поради што продолжувањето со трета сезона му изгледало неизбежно.
Датумот на премиерата на третата сезона сè уште не е објавен.
