Франција се подготвува за нов хаос: Сè е затворено, распоредени 70.000 полицајци

Од:

Во Франција денеска се распоредени 70.000 полицајци и жандарми поради најавените демонстрации на кои се очекува да присуствуваат до половина милион луѓе.

Посебни безбедносни мерки се воведени во Париз и Орлеан, каде што се одржува конгресот на десничарската партија Национален собир (RN), а се очекуваат и контрапротести. На барање на полициската префектура, во Париз од 9 часот ќе бидат затворени 24 метро-станици од безбедносни причини, објави телевизијата BFM TV.

Францускиот премиер Себастијан Лекорни изјави за време на посетата на Лимож, каде што за време на протестите беше запалена градската куќа, дека заканата од крајната левица и натаму е голема.

Тој предупреди и на можноста криминални групи да ги искористат немирите за кражби, посочувајќи дека искуствата од настаните на 17 октомври биле земени предвид при подготовката на денешното распоредување на полицијата.

Неколку десетици полициски приправници доброволно се пријавиле да помогнат во обезбедувањето на демонстрациите. Тие нема да бидат задолжени за одржување на јавниот ред, туку ќе извршуваат други задачи.

Во Орлеан денеска се очекуваат околу 5.000 учесници на конгресот на Националниот собир, а во недела нивниот број би можел да биде двојно поголем.

Дополнително, околу 50 организации повикаа на контрапротести, на кои, според полициски извори, се очекува да присуствуваат меѓу 10.000 и 15.000 луѓе.

Градоначалникот на Орлеан, Серж Груар, најави воведување вонредни превентивни безбедносни мерки, кои вклучуваат значителни ограничувања на сообраќајот и затворање на неколку јавни служби.

Трамвајскиот сообраќај нема да функционира во текот на целиот ден, а услугите за изнајмување велосипеди ќе бидат прекинати во центарот на градот.

Полицијата ја промени и трасата на демонстрациите. Наместо да поминуваат низ центарот на градот и да започнат кај катедралата, како што првично било планирано, собирот ќе започне денеска претпладне северно од Орлеан.

Префектот на департманот Лоара, Иг Муту, ги забрани сите собири од безбедносни причини.

И покрај најавените протести, дел од трговците одлучиле денеска да ги задржат своите продавници отворени, бидејќи станува збор за важен трговски ден во пресрет на празникот Сите светци.

Затворени музеи и културни установи во Париз

Бројни музеи и културни установи во Париз денеска се затворени поради протестите и стравувањата од нови немири, јавуваат француските медиуми.

Фондацијата „Картие“ ќе биде затворена во текот на целиот викенд, додека фондацијата „Луј Витон“ денеска нема да работи, пренесува France 24.

Затворени ќе бидат и зградите на операта „Гарние“ и операта „Бастилја“. Париската опера соопшти дека поради безбедносната ситуација се откажани сите претстави и посети во двете згради.

Циркусот „Дивер Буглион“ исто така соопшти дека од безбедносни причини се откажуваат сите претстави планирани за утре.

Француското Министерство за култура претходно соопшти дека ќе бидат затворени музеите Лувр, Орсеј, Оранжери и Пикасо.

Лувр објави дека, по препорака на париската полициска префектура, денеска исклучително ќе биде затворен.

Затворен ќе биде и Националниот музеј „Ежен Делакроа“.

Протестите започнаа на 17 октомври

Протестите во Франција започнаа на 17 октомври, по повиците на социјалните мрежи за излегување на улиците поради растот на цените на горивата и трошоците за живот.

Подоцна на протестите им се приклучија средношколци, студенти, синдикати и други групи, кои побараа подобри услови во образованието и поголеми инвестиции во јавните служби.

На некои места протестите прераснаа во насилство, по што властите во повеќе француски градови воведоа ограничувања на собирите поради безбедносните ризици.

На денешните протести во Франција првично повика координацијата на движењето „Жолти елеци“, која најави нов бран демонстрации под мотото „Втор чин“.

Се очекува на демонстрациите низ Франција да учествуваат меѓу 400.000 и 500.000 луѓе.

Безбедносните служби предупредија на можни напади врз јавни објекти и државни симболи, како и на кражби што би можеле да бидат извршени во услови на немири, се наведува во денешниот извештај на територијалните разузнавачки служби.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Оружен инцидент во Париз: Маж пукаше со автоматска пушка, има мртви и ранети

Француската полиција одлучи: Полицискиот час се продолжува до понеделник

Три безживотни тела пронајдени во куќа во Франција, меѓу жртвите и двегодишно дете

Марин Ле Пен има поддршка од 34 до 38 отсто пред претседателските избори во Франција

Илјадници демонстранти во Грција бараат бесплатно образование и повисоки плати

Франција на улиците испраќа воена единица формирана по терористичките напади во 2015 година