Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека насилното однесување, забележано за време на осумдневните протести во земјата, било „оркестрирано“ од внатрешни и надворешни елементи, со цел да се дестабилизира Албанија, како и други европски земји.
Тој го изјави ова за време на средба со претставници на банкарскиот сектор во Албанија, оценувајќи дека ескалацијата на насилството – при што се користеле камења и оган – е феномен поврзан со настаните во други европски држави, пренесува „Еуроњуз Албанија“ (Euronews Albania).
Тој ги предупреди студентите и другите лица кои учествуваа во насилство врз институции и банки за време на протестите, дека ќе сносат одговорност за целата предизвикана штета.
„Сите оние што кренаа рака против државата, ќе ја почувствуваат сенката на државата како ги следи сè додека не ја надоместат штетата што ја предизвикале. Ќе ги пронајдеме оние што носеа фантомки“, рече Рама.
Тој најави дека владата наскоро ќе претстави пакет мерки – слични на оние што ги усвоија други земји – кој вклучува создавање регистар на насилни поединци, на кои подоцна ќе им биде забранет пристапот до хотели и аеродроми.
„Пакетот мерки ќе го објавиме однапред; ќе ги разоткриеме онлајн профилите што поттикнуваат насилство и ќе ги пронајдеме оние што носеа фантомки. Семејствата ќе сносат финансиска одговорност за постапките на нивните малолетни членови – исто како што направија Италија и Франција, така ќе постапиме и ние. Насилните поединци ќе ги ставиме во посебен регистар. Ќе го ограничиме нивниот пристап до транспортни јазли, аеродроми и хотели“, изјави Рама.
