Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека зад протестите во земјата стојат криминални структури и „странска рака“, отфрлајќи ја можноста да поднесе оставка и покрај ескалацијата на демонстрациите во повеќе градови.
Протестите, кои од мирни демонстрации прераснаа и во насилни судири, започнаа на иницијатива на студентите, а подоцна им се придружија и средношколци. Тие се надоврзаа на повеќемесечната таканаречена „Фламинго“ револуција и го засилија притисокот врз владата на Рама.
Премиерот ги опиша студентите што протестираат на булеварот како заложници на група маскирани лица. Според него, во протестите учествуваат и малолетници, кои одредени групи ги користат за да ја ограничат можноста на полицијата да интервенира.
Рама ги поврза демонстрациите во Албанија со протестните движења во други земји, споменувајќи ги Париз, Рим, Милано, Торино, Португалија и Бразил. Тој оцени дека дел од студентите се радикализирани и под влијание на екстремистички идеи.
Според албанскиот премиер, протестите имаат и политичка димензија, бидејќи се случуваат во период кога земјата се стреми кон членство во Европската Унија до 2030 година. Рама тврди дека постојат обиди да се попречи европскиот пат на Албанија во, како што го опиша, историски момент за земјата.
„Кога сме поблиску од кога било до остварувањето на историскиот сон, се појавува оваа застрашувачка чума, целосно инсценирана“, изјави Рама.
Премиерот призна дека младите се незадоволни и бараат промени, но направи разлика меѓу нивните барања и постапките на лицата што ги обвинува за насилство.
„Да, младите се фрустрирани и лути. Да, студентите сакаат повеќе, сакаат промени. Тие отсекогаш го сакале тоа и секогаш ќе го сакаат, бидејќи тоа е во нивната природа“, рече Рама.
Тој повтори дека малолетниците, според неговите тврдења, се користат како штитови во конфронтациите со полицијата, што ги отежнува полициските интервенции.
„Таму има криминал. Има странска рака“, изјави Рама, без да прецизира на кого се однесуваат неговите обвинувања за странско влијание.
И покрај засилениот притисок и барањата за оставка, албанскиот премиер порача дека нема намера да се повлече од функцијата. Неговите изјави доаѓаат во време на продлабочено политичко незадоволство и растечки тензии на улиците низ Албанија.
