Поранешниот голман на Севиља и Пари Сен Жермен, Серхио Рико, и неговото семејство биле жртви на насилен грабеж во нивниот дом во близина на Севиља, објави шпанската телевизија Телесинко.
Петмина маскирани мажи, со ракавици и пиштоли, упаднале во куќата во населбата Ла Хулијана, во општината Бољуљос де ла Митасион, во понеделникот околу 22 часот. Рико во тој момент вечерал со сопругата Алба Силва, нивните две деца, тештата и домашната помошничка. Алармниот систем бил исклучен бидејќи семејството било дома.
Според шпанските медиуми, членовите на семејството се обиделе да се засолнат во една од просториите, но напаѓачите ја провалиле вратата. Новинарот на Телесинко, Кике Каљеха, изјавил дека разбојниците биле насилни кон присутните и дека го врзале голманот, по што однеле вредни предмети од куќата.
Рико подоцна ја потврдил кражбата за Телесинко, но ги демантирал наводите дека бил брутално претепан. Семејството го пријавило случајот во полиција.
Шпанските медиуми наведуваат дека ова е веќе третпат Рико да биде ограбен. Во ноември 2022 година, по натпревар на Пари Сен Жермен, тој затекнал провалник во својот дом во Париз и се соочил со него.
Триесет и тригодишниот Рико најголемиот дел од кариерата го помина во Севиља, со која ја освои Лигата на Европа. Настапуваше и за Фулам и Пари Сен Жермен, а за репрезентацијата на Шпанија одигра еден натпревар.
Во мај 2023 година, голманот доживеа тешка несреќа со коњ во Андалузија, по која со недели беше во кома и помина низ долг период на опоравување.
