На 11 дена пред предвремените парламентарни избори во Србија, изборниот процес е проследен со сомнежи за можни манипулации и злоупотреби, пред сè поради несогласувањата во избирачкиот список и големиот број гласачи без целосно наведена адреса.
Единствениот избирачки список е заклучен со вкупно 6.450.523 гласачи, додека според пописот од октомври 2022 година, Србија имала 6.647.003 жители. Разликата меѓу овие бројки е 196.480, што отвора прашања за односот меѓу бројот на полнолетни жители и вкупниот број запишани гласачи.
Јавноста, опозицијата и невладиниот сектор предупредуваат дека уделот на граѓаните со право на глас, според овие податоци, би изнесувал околу 98 отсто од населението. Член на Комисијата за ревизија на избирачкиот список посочува дека со години постојат сомнежи за веродостојноста на евиденцијата.
Дополнително, анализите на јавно достапните податоци покажуваат дека повеќе од половина милион гласачи во избирачкиот список немаат целосна адреса, односно наведени улица и куќен број.
Според неодамнешно истражување на Радио Слободна Европа, само во 13 погранични општини околу 85.000 гласачи се заведени со фиктивни адреси, како „нема улица – 0“
Опозицијата со месеци предупредува на таканаречени „фантомски гласачи“. Според официјалните податоци, повеќе од 500.000 граѓани со право на глас ќе можат да гласаат на предвремените парламентарни избори на 25 октомври, иако во евиденцијата немаат прецизно наведена адреса.
Министерствата за државна управа и локална самоуправа и за внатрешни работи, според написот, не дале убедливи одговори на новинарските прашања за разликите во податоците за населението и гласачите.
Ана Гоѓевац, членка на Комисијата за ревизија на избирачкиот список од опозициската Партија на слободата и правдата, вели дека никому не му е јасно колку гласачи навистина има во Србија. Таа тврди дека во списокот има лица кои не би требало да бидат заведени, бидејќи во 2022 и 2023 година биле пријавувани на фиктивни адреси, особено во Белград.
Медиумите забележуваат и екстремни примери. Во Прибој, на југозападот на Србија, на адреса на куќа со површина од 88 квадратни метри се заведени дури 247 гласачи.
Студентското движење и опозицијата се обиделе од Републичката изборна комисија (РИК) и Министерството за надворешни работи да обезбедат отворање повеќе избирачки места во дијаспората. Според нивните тврдења, за гласање се пријавиле 110.000 гласачи, но се очекува повеќе од 20.000 српски државјани во странство да останат без можност да гласаат на 25 октомври.
РИК ги отфрлила приговорите на Студентската листа за избирачките места и времето на гласање во странство. Студентското движење поднело жалба до Управниот суд, обвинувајќи ја комисијата за „изборна саботажа“.
Од Студентската листа – „Студентите победуваат“ тврдат дека Министерството за надворешни работи и Министерството за државна управа, со премолчена согласност на РИК, намерно ги филтрирале пријавите за гласање. Според нив, целта била вештачки да се намали бројот на гласачи и да се оправда затворањето на амбасади, откажувањето на избирачки места и организирањето гласање во ноќните часови.
Како примери се наведуваат Австралија, Кина, САД, Канада и Бразил. Во Њујорк, на пример, гласањето треба да започне во два часот по полноќ.
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека на предвремените парламентарни избори на 25 октомври се очекува тесна трка меѓу владејачката Српска напредна странка (СНС), чија листа ја предводи поранешниот претседател Александар Вучиќ, и Студентската листа.
Студентското движење има значителна поддршка во дијаспората и веќе мобилизирало десетици илјади луѓе да учествуваат на изборите, со цел да се зголеми излезноста.
