Судирите меѓу демонстрантите и полициските сили продолжија попладнево во Тирана, во близина на зградата на албанското Министерство за образование, каде што ниту полициската интервенција со водени топови не успеа да ги прекине демонстрациите.
Откако првично беа растерани, студентите и другите собрани граѓани повторно се групираа долж улицата „Драч“ (Durrës), во близина на Министерството за образование, продолжувајќи со протестите против владата и барањата за оставка на премиерот Еди Рама, пренесува „Албанијан пост“ (Albanian Post).
Ситуацијата останува тензична, со постојани судири меѓу демонстрантите и припадниците на безбедносните служби; полицијата почна да приведува демонстранти, иако точниот број на приведени лица не е познат.
Ескалацијата на протестите предизвика реакции кај претставниците на опозицијата, при што лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, ја опиша полициската интервенција како насилство врз студентите.
„Престанете со теророт што бандитите од нарко-државата го спроведуваат врз храбрите студенти“, апелираше Бериша на социјалните мрежи.
