СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по случајот со Ива Михаилова, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, а која, според партијата, ја напуштила државата и покрај тоа што судот ѝ ги одзел двата пасоша.
Во соопштението, СДСМ отвора прашања за околностите под кои Михаилова ја поминала границата и за евентуалната вмешаност на надлежните институции, поврзувајќи го случајот со средбите на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Софија.
„Народот гледа дека се работи под маса и ‘под радар’. Гледа што договарал Тимчо Муцунски на средбите во Софија“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека, според изјавите на Михаилова, таа ја поминала границата легално, со лична карта, и дека граничните службеници знаеле за нејзиното преминување. Од друга страна, според СДСМ, Министерството за внатрешни работи соопштило дека нема евидентиран излез од државата.
„Гледаме дека едно се кажува пред граѓаните, а далеку од очите на јавноста, Ива Михаилова, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, е пуштена преку граница. Иако судот ѝ ги одзел двата пасоша“, наведуваат од СДСМ.
Партијата оценува дека случајот отвора сериозни прашања за контролата на границите и одговорноста на институциите.
„Граѓаните не се наивни. Гледаат и знаат сè. Вака се договараат бегствата од правдата“, се наведува во соопштението.
СДСМ ја обвинува власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека не обезбедува соодветна контрола на границите, правејќи паралела со случајот со петте тони дрога и со лицата кои ја напуштаат државата за да избегнат одговорност пред правосудните органи.
„Со Мицкоски, Тошковски и ВМРО, границата е решето и за пет тони дрога и за бегалци од правдата“, наведуваат од партијата, оценувајќи дека станува збор за „класичен шаблон на ВМРО — организираната криминална група“.
СДСМ бара Тошковски веднаш да поднесе оставка, наведувајќи дека по низата скандали тој треба да понесе одговорност.
„СДСМ бара да се утврди кој сè е вмешан во ова договорено бегство и сите да понесат одговорност“, се наведува во соопштението.
