Јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, повторно ги предупредија авиокомпаниите, вработените на аеродромите и патниците по најновиот напад врз аеродром во Саудиска Арабија.
„Ги повикуваме сите сериозно да ги сфатат нашите предупредувања“, порачаа Хутите.
„Саудиска Арабија е одговорна за сите неуспешни обиди за пресретнување“, додадоа тие.
Предупредувањето доаѓа откако Арапската лига, која обединува 22 држави, го осуди нападот врз Ријад и изрази солидарност со Саудиска Арабија и со мерките што ги презема за да се заштити од нападите на Хутите.
Училиштата во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, во следните седум дена ќе одржуваат настава на далечина поради безбедносните мерки воведени по синоќешниот напад на јеменските Хути.
Како што јави АФП, повикувајќи се на електронска порака испратена до родителите, одлуката за преминување на онлајн настава ја донесе саудиското Министерство за образование.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ја разгледуваат можноста да им се приклучат на саудиските напади врз јеменските Хути по ракетниот напад врз аеродромот во Ријад.
„Можеби ќе го направиме тоа. Ќе ја разгледаме можноста. Дури сега дознавме за овој најнов напад, па ќе донесеме одлука. Дејствуваме многу брзо“, изјави Трамп.
Подоцна најави дека ќе разговара со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и порача дека она што се случило „не е прифатливо“.
Американската амбасада во Ријад ги предупреди американските државјани да ги избегнуваат аеродромот и околните подрачја.
