Саудиска Арабија ги намали испораките на нафта за Европа откако напади со дронови го оштетија нејзиниот клучен извозен нафтовод кон Црвеното Море, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извори од трговскиот сектор.
Поради нарушувањата во снабдувањето, европските купувачи, пред сè Полска, итно бараат алтернативни извори на нафта, додека цените на физичкиот пазар во Европа достигнаа околу 122 долари за барел.
Саудиска Арабија за нападите обвинува ирачки паравоени групи. Кралството во петокот морало да го затвори нафтоводот Исток-Запад, кој во изминатите шест месеци бил главна алтернатива за извоз на нафта поради блокадата на Ормускиот Теснец.
Извори од секторот за трговија со нафта и бродски транспорт за „Ројтерс“ изјавиле дека Саудиска Арабија ги известила европските купувачи за откажување на дел од септемвриските испораки на сурова нафта. Истовремено, привремено е запрено товарењето на нафта во пристаништето Јанбу на Црвеното Море.
Државната нафтена компанија „Сауди Арамко“ одбила да ја коментира ситуацијата.
Прекинот на извозот преку Црвеното Море би можел да го натера Ријад да испраќа повеќе нафта преку Ормускиот Теснец, преку таканаречени „тајни пратки“, слично на практиката што веќе ја користат Обединетите Арапски Емирати и Ирак.
Според трговски извори, овој начин на транспорт им овозможил на производителите од Заливот да одржат извоз од 7 до 9 милиони барели дневно, што претставува меѓу 30 и 40 отсто од количините што ги извезувале пред почетокот на конфликтот.
Новото нарушување на снабдувањето веднаш влијаело врз цените. Фјучерсите на суровата нафта „Брент“ се движеле близу 108 долари за барел, додека цената на физичкиот пазар во Европа достигнала околу 122 долари, покажуваат податоците на LSEG.
Полската нафтена компанија „Орлен“ итно бара замена за саудиските испораки, вклучително и нафта од Северното Море и други подалечни региони, потврдиле пет извори од индустријата.
„Арамко“ е главен снабдувач на „Орлен“ од 2022 година и покрива околу 40 отсто од потребите на компанијата. Тоа ѝ овозможило на Полска да ја намали зависноста од руската нафта, но истовремено ја направило зависна од саудискиот производител.
Од „Орлен“ не соопштиле детали за поединечните зделки, но навеле дека активно управуваат со залихите за да се избегне прекин во снабдувањето на рафинериите.
„Прилагодувањето и оптимизацијата на набавките се редовен дел од работењето на групацијата „Орлен“, во зависност од тековните производствени потреби и состојбата на пазарот“, изјавил портпаролот на компанијата за „Ројтерс“.
Тој додал дека испораките на суровини до рафинериите засега се одвиваат без застои.
Според изворите, „Орлен“ во петокот и понеделникот купил неколку пратки сурова нафта преку итни тендери. Меѓу видовите нафта што ги набавил биле северноморските „Гране“, „Јохан Свердруп“ и „Јохан Кастберг“.
Компанијата испратила понуди и за американската нафта WTI Midland и казахстанската CPC Blend.
Во вторникот „Орлен“ објавил нов тендер за набавка на северноморска или алжирска нафта со испорака во октомври, како и нафта од Гвајана за ноември. Резултатите од тендерот сè уште не биле познати.
„Орлен“ управува со рафинерии во Полска, Литванија и Чешка. Според податоците на аналитичката компанија „Кплер“, полското пристаниште Гдањск од почетокот на годинава примало околу 160.000 барели саудиска нафта дневно, додека литванското пристаниште Бутинге примало околу 63.000 барели дневно.
„Ројтерс“ наведува дека засега не е познато колку вкупно пратки за Европа ќе бидат откажани, ниту колку ќе трае прекинот на товарењето во Јанбу.
